Кон врутокот на македонските народни зборови

Македонскиот јазик до петтата деценија од XX век, кога е извршена кодификацијата на современиот македонски јазик, опстојувал, главно, на дијалектно рамниште, развивајќи се спонтано на сите јазични нивоа, а, особено, на лексичко поле. Оттука, помеѓу другото, се јавуваат многу дијалектни лексички разновидности, коишто со својата изворност го откриваат творечкиот потенцијал на народниот гениј на јазичен план. Своевиден чувар на македонскиот јазик во текот на вековите се и народните умотворби, особено народните песни, во кои прибежиште наоѓале нашите предци, заштитувајќи го македонското духовно богатство. Во народната песна анонимниот творец го вградил духот на колективот, во кој се одразени мислите и емоциите, желбите, надежите, радостите и страдањата на луѓето во текот на историјата. Но тоа ќе паднело во заборав, доколку немало народни песнопојци и песнопојки, кои не само што ѝ дале живот на песната туку и ја овековечиле. Меѓу големиот број даровити песнопојки е и Николина Спасе од Преспа под Албанија, чии песни ги спасил од заборав нејзиниот сопруг Стерјо Спасе, еден од најпознатите албански писатели од македонско потекло, запишувајќи ги во оригинал и преведувајќи ги на албански јазик.

Нашето внимание го посветуваме на македонските народни зборови во песните на Николина Спасе, при што во опширен напис ги приведуваме оние зборови, коишто побудуваат интерес по некоја своја карактеристика. Притоа, употребените зборови во зборникот „Македонски народни песни (Мала Преспа)“ со нивните значења ги наведуваме во контексти со што се доловува нивното значење. Освен тоа, народните зборови ги проверуваме во македонските лексикографски трудови „Речник на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања“ и „Толковен речник на македонскиот јазик“ од гледна точка на нивната застапеност и од аспект на нивното значење.

Имено, дел од ексцерпираните зборови од Зборникот на Николина Спасе, како што се: бас, батиса, брак, броди (се), вали, завали, зенгин, из, издуми, калеса, кашлица, кова, крз, крла, ламбада, лепо, лита, мисур, муле, опален, опали, опет, опули (се), пампур, пули (се), пупале, ропа, рудица, скорен, скорне, строј, трумбук, ќурдија, урва, фара, циронка, чултар, чултарче и шутка се регистрирани со соодветно значење во „Речникот на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања“, а дел од нив, како што се: бара, греди, довлед, кладенец, рој, ука и штука (се) се протолкувани со други значења.

Во „Речникот на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања“ не се регистрирани фонетските разновидности на зборовите: долома и донома, кофил, отлитне, приропа, тнок, чклеме и шенва, се ниту зборообразувачките разновидности на зборовите: габриче, гушарче, колар, мисер, наурва, облак, репкан, ќедар, чомаџе и шегун, шегунче, а воопшто не се регистрирани зборовите: боздолак (боздолок), инџик, кавтица, кусаж, низам, огул, омјадисва, осол, поднизок, позбор, попитан, посмазма, сендра, синжиле, смери, стропин, челина и шќепе.

Слична е состојбата и во „Толковниот речник на македонскиот јазик“ со таа разлика што во него бројот на незабележаните зборови е поголем.

Треба да се одбележи фактот што значителен број ексцерпирани зборови од Зборникот во лексикографските трудови се означени како дијалектизми, како архаизми или како разговорни.

Од наведените народни зборови може да се констатира дека дел од нив се помалку познати, додека други зборови се јавуваат во фонетски или во зборообразувачки разновидности, а некои зборови се среќаваат со ново значење или, пак, воопшто не се познати.

Останува впечатокот дека народните зборови претставуваат вруток за богатење на македонскиот стандарден јазик. Во тој поглед треба да се спомене една од основните поставки од кои поаѓа Крсте Мисирков во врска со македонскиот стандарден јазик. Имено, освен определбата за таканаречените централни македонски говори за основа на македонскиот стандарден јазик, Крсте Мисирков се залагал за „фонетичниіот праопис со употребените во таіа книга писмени знакои и со мали отстапки на етимологиіата и речничниiот материiал да iет собраiн’е от сите македонцки наречиiа“.

Песните од зборникот „Македонски народни песни (Мала Преспа)“ на долнопреспанскиот говор, периферен говор од западното наречје, со ексцерпираните народни зборови недвосмислено го потврдуваат споменатиот постулат на македонскиот славист, кодификатор на македонскиот стандарден јазик и правопис, прв национален филолог, историчар, етнограф, фолклорист, револуционер и публицист Крсте Мисирков, чија визија ја оживотвори во стварноста по Втората светска војна филологот, поет и универзитетски професор академик Блаже Конески.

На крајот, не треба да се изуми фактот дека македонската народна песна останала препознатливиот признак за јазикот и за етничката припадност на нејзините носители./Васил Дрвошанов