
На денешната седница на Советот за национална безбедност, што ја свика претседателот Бајрам Бегај, фокусот бил ставен на состојбата на сајбер безбедноста и преземените мерки за зајакнување на сајбер одбраната во Република Албанија.
Како што објавија од кабинетот на Бегај на средба е “направена анализа на состојбата со сајбер безбедноста и мерките што ги преземаат институциите за зајакнување на сајбер заштитата во критичните и важни информациски инфраструктури”.
-Од извештаите на институциите и од дискусиите на членовите на Советот за национална безбедност, се констатира дека Исламската Република Иран продолжила но и ја проширила својата заканувачка активност и сајбер нападите се зголемиле, но и станале пософистицирани и сложени. Констатирано е исто така дека е постигнат напредок во зајакнувањето на капацитетите и сајбер заштитата во државата, стои во соопштението.
Се додава дека институциите истакнале дека ќе ја продолжат соработката со стратешките партнери САД, ЕУ, НАТО, како и со другите земји партнери и сојузници за зајакнување на сајбер одбраната.
Ќе продолжиме со соодветни законски подобрувања, инвестиции во технологија, образование, обука и свесност на специјалистите, експертите и сите корисници кои имаат пристап до технолошките системи за создавање култура на сајбер безбедноста. Беше речено дека предизвиците со кои се соочуваме денес се од широк спектар, се наведува во соопштението.
На средбата се разговарало и за други прашања од значење за националната безбедност, кои “главно се однесуваат на заканите кои доаѓаат од Иран, без разлика дали се тие во форма на пропаганда или хибридни форми”.
Институциите за спроведување на законот и одговорните во областа на националната безбедност истакнаа дека континуирано ќе ги оценуваат и информираат партнерите и другите меѓународни актери во врска со заканите кои доаѓаат од Иран и одлучноста на Албанија дека нема да дозволи активност на кој било поединец или група што ќе и наштети на националната безбедност на Република Албанија, се посочува понатаму во соопштението од кабинетот на шефот на државата.
Институциите се обврзале дека ќе вршат проценка на заканите и ризикот и ќе преземат мерки за зајакнување на капацитетите на сајбер одбраната, противвоздушната одбрана, зајакнување на разузнавачките структури со цел гарантирање на националната безбедност.
Ова е трета средба на Советот по одржаните во октомври минатата и јануари оваа година по серијата сајбер напади врз системите на албанската Влада, и други институции што се случија во периодот од 15 јули до 9 септември минатата година. За нападите беа обвинети припадници на иранската група “татковинска правда”
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden