Проф. д-р Катерина Тодороска: Неписмените писмени уништуваат

Пред извесен период се сретнав со пријателка која работи во една значајна државна институција. Поразговаравме за сенешто, а таа разговорот го заврши со констатацијата дека живееме во време кога неписмените писмени уништуваат.

Со оглед на сè што дниве видов, ми се стори дека овие три збора соодветно ја отсликуваат нашава тридецениска живеачка. И, ако ми верувате не знам од каде да почнам, оти ова нашево ни било, а се надевам нема ни да биде. Само поскоро да заврши.

Еве, ќе почнам од објавите за лечење на децата со донации. Ич нема да ги спомнувам имињата на децата за кои немаше пари оти еден „министер-смрт“ немаше оправданост поткретено со конзилијарно мислење  за да го одврзе народното ќесе за лекување на децата во странство. Се пенавеа дека не може туку така да се праќаат децата на лекување оти многу биле. Па оти се многу? Оти нашите лекари, кои во цел свет се ценети и барани специјалисти, едни неписмени ги избркаа за да газдуваат по клиники и здравствени домови. И никому ништо. Одговорност? Што беше тоа? Кај ништо не научивме од минатите трагедии туку и денес ја гледаме истата слика, денес вртиме некои нови цифри за да донираме за лекување на наши деца во странство, веројатно затоа што министерот „нема конзилијарна дозвола“ за да го одврзе народното ќесе за лекување на децата. Та, има ли поголем шамар за една држава од тоа со донации да се лечат децата, а од друга страна да се пенавиме дека тие се иднината на државата. Да, тие се иднината на државата, а ние со донации ја лекуваме иднината на државата. Така, народното ќесе се користи само за јадачки, пијачки, седенки и секако, за богатење на неколцина. Ама, народ молчи и трпи, оти наведната глава сабја не ја сечи.

Ќе продолжам со настанот на 16 јуни 2023 година во Кавадарци т.е. со одбележувањето на 80 години од убиството на ваташките деца, од бугарските фашистички окупатори и нивните домашни слуги. Во таа прилика, градоначалникот Митко Јанчев, меѓу другото рече: „… тука заедно со ваташани, кавадарчани, со повеќе наши граѓани и политичките паритии заедно да го прославиме овој ден за да ја градиме иднината на основа на минатото и она што значи ѕверско стрелање на овие 12 младинци. Сите немале ниту 120 година заедно на денот на нивното стрелање, а тоа е еден човечки живот кој го има живеено еден човек…“.

Кога ќе го чуете ова, посакувате да ја видите биографијата на градоначалникот, каде ќе научите дека: „Митко Јанчев е роден на 01.11.1981 година. Сопруг на Веселка и татко на три деца: Никола, Стојанче и Мила. Митко Јанчев е дипломиран инженер-геолог на Универзитетот „Гоце Делчев” Штип, а магистерските студии на истиот ги завршува во отсекот на техничките науки, петрологија, минералогија и геохемија.

Тој е сопственик и управител на ДПТУ Кожувчанка од Кавадарци, првата приватна компанија за производство на вода во Македонија.

Функцијата управител ја превзема на 23 годишна возраст, по ненадејната смрт на неговиот татко кој беше основач на компанијата Кожувчанка.

Јанчев во своето 13 годишно раководење со компанијата воведува нови современи стандарди во раководењето и развојот на компанијата, а тоа го говори фактот дека Кожувчанка ДОО се наоѓа помеѓу 100-те најуспешни компании во државата. Исто, под раководство на Јанчев, компанијата го привлекува и соработува со светски познатиот бренд Синалко од Германија“. Има уште за хуманоста, посветеноста и неговите заложби, ама тоа прочитајте на https://kavadarci.gov.mk/gradonachalnik-2/. Од богата биографија на Јанчев ќе научите дека тој не е историчар, а не е ниту математичар. Но, затоа Јанчев требало да има сериозен историчар кој ќе му кажел дека ден на масакар не се прославува, но и дека не се гради иднината на основа „ѕверско стрелање на овие 12 младинци“. Да имаше историчар во кабинетот, требаше да му каже дека сите деца заедно имале 225 годин, а не „ниту 120 години заедно на денот на нивното стрелање“. Вака излегува дека 12-те деца имале помалку од 10 години секое, а ќе знаел и дека ниту еден човечки живот до сега не бил долг 225 години. Да имал соодветни соработници градоначалникот, ама да имал.

Многу има за пишување. Ај, ќе завршам со еден државен фалсификат на неписмени, бескрајно алчни „чељадиња“, чија основна работа е да смислуваат реформи колку да седат во фотелјите.

Дниве нашите деветтодделенци ги добија своите сведителства. На нив, како и минативе години, ќе прочитате дека децата родени во 2008 година ви се родени во Република Северна Македонија што е фалсификат од државни размери. Тоа може да се сведе на две претпоставки. Или се многу неписмени или сето тоа го прават намерно т.е. за извитоперување на историјата. И двете нешта се крајно штетни за македонската држава. Но, за да видите колку се алчни, треба да го погледнете додатокот на свидетелствата. Тоа е еден лист испечатен во форма на документ, кој според сите стандарди е еднакво скапо платен како и свидетелствата. Додаток кој е апсолутно непотребен и неупотреблив бидејќи нема никаква намена и примена, освен да се „олесни“ буџетот и на се „збогати“ печатницата која ги испечатила.

Колку чини тој „додаток“ знаат само оне кои немаа пари да испечатат учебници оти не научиле што значи учебник. А зошто некому би му требал учебник ако треба да остане неписмен на ниво на министри и директори? Е тие ќе ви кажат дека пирамидата може да стои на врвот, а не на темелот? Ако не знаете видете го предлогот на МОН, за почеток на новата учебна година од 11 септември 2022 година и која треба да трае до крајот на јуни 2023 година. А да им кажеше некој писмен дека образовниот процес е за учениците, не за нивните експерименти или за наставниците ефтино да летуваат. Ејгиди самобендисани “чељадиња”, живејте го времето на Хуриетот што ви го дозволува народот. И кога на сето ова ќе се дададат и славопојките што дниве ги изнаслушавме/изначитавме за едни пријатели кои свој леб јадат, а туѓо гајле берат, сликата станува морничаво црно-сива.

Но, нашава живеачка ја сведовме на тоа. Неписмените, писмени да уништуваат.