Македонскиот амбасадор Спахиу: Искажа голема благодарност за Благодарница “Илинден”

Вршителот на должноста амбасадор во македонската амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу, кому вчера му беше врачена Благодарница од македонското друштво “Илинден”-Тирана искажа голема благодарност за укажаната чест и доверба.

Чувство на голема чест, да бидеш избран од нашинците.  Им благодарам од срце за признанието и за укажаната доверба.  Во овие 3 години со Македонците во Албанија соработувавме во многу успешни проекти и активности. Заедно ги делевме успесите и разочарувањата, но никогаш не престанавме да веруваме во подобро утре, рече тој за МИА.

Затоа, додаде, оваа Благодарница “ми значи многу и истата ја споделувам со сите нив”.

Оваа Благодарница е доказ дека нашата соработка нема никогаш да прекине, а би сакал да биде, поттик за идните колегите кои ќе бидат дел од оваа Амбасада за да внесат нова енергија во соработка со нашинците затоа што тоа е единствениот пат за зачувување на културата, јазикот и традицијата, нагласи Спахиу.

Порачува дека македонската заедница во Албанија тоа го заслужува и е “пример за посветеност, истрајност и љубов кон своите корени”.

Благодарницата, во просториите на македонската амбасада во Тирана, му ја врачи претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, за “неговиот особен придонес и заслуги за друштвото “Илинден” и македонското национално малцинство”.

На врачувањето на  признанието присуствуваше Радмила Стојмировска, прв секретар во македонската амбасада во Тирана и Ендрит Фетаху, потпретседател на Македонска алијанса за европска интеграција.

Македонското друштво “Илинден”- Тирана чија главна мисија е заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски идентитет во Република Албанија, е 6 февруари одбележа 16 години од формирањето, од кога е регистрирано и во Основниот суд во Тирана.