
Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствената политичка партија што ја претставува македонската заедница во Албанија, го поздравува отворањето на сите поглавја од преговорите за членство на Албанија во Европската Унија. Овој значаен чекор означува влез на земјата во нова фаза и ја доближува кон стратешката цел – полноправно членство во ЕУ.
МАЕИ ја охрабрува Владата на Албанија да продолжи посветено со исполнување на сите потребни реформи, вклучително и оние кои се однесуваат на гарантирањето на правата на македонското малцинство и сите други малцинства во земјата. Спроведувањето на европските стандарди во областа на човековите права и заштитата на националните идентитети е клучно за успешно придвижување во интегративниот процес.
Со членството на Албанија во Европската Унија, албанските граѓани нема повеќе да бидат принудени да бараат пасоши од други земји членки на ЕУ, кои честопати ги користат овие практики за влијание и асимилација на заедниците во Албанија.
Европската интеграција е поддржана од сите граѓани на Албанија, без разлика на етничката или верската припадност, и претставува заедничка аспирација за побезбедна, подемократска и поразвиена иднина, – стои во соопштението на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden