Македонска алијанса за европска интеграција со повик до Македонците во Албанија да се самоизјаснат за Македонци

Драги сограѓани Македонци во Република Албанија,

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ви се обраќа со овој отворен и искрен повик, во момент од особено значење за афирмацијата на нашиот идентитет, достоинство и права како автохтона македонска заедница во Албанија.

Врз основа на Законот бр. 96/2017 „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“ и Одлуката на Советот на министри „За утврдување на критериумите, документацијата и постапките за собирање на податоци за идентификација на лицата кои припаѓаат на националните малцинства“, секој граѓанин има неотуѓиво право слободно да се самоидентификува, без притисок и без страв, како припадник на официјално признаено национално малцинство.

Овој процес претставува значаен чекор кон:

  • зачувување и зајакнување на македонскиот национален, јазичен и културен идентитет;
  • унапредување на институционалната застапеност на македонската заедница;
  • креирање на поправедни државни политики, прилагодени на реалните потреби на националните малцинства;
  • гарантирање поддршка и одржлив развој на нашата заедница.

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) упатува повик до сите Македонци во Албанија без двоумење да се самоизјаснат, со пополнување на соодветните формулари за самоидентификација и нивно доставување по пошта до Комисијата формирана при Министерството за внатрешни работи, согласно утврдените постапки.

Сакаме јасно да нагласиме дека:

  • процесот се темели на принципот на слободно самоидентификување;
  • личните податоци се заштитени во целосна согласност со законодавството за заштита на приватноста;
  • не постои никаков ризик ниту негативна последица за граѓаните кои ја изјавуваат својата национална припадност.

Самоизјаснувањето не е само законско право, туку и чин на граѓанска и национална одговорност, кој го зајакнува нашиот колективен глас и ја обезбедува иднината на идните генерации.

Заедно, со храброст, свест и доверба, да придонесеме во изградбата на пофер, поинклузивно и подемократско општество, во кое македонскиот идентитет во Албанија се почитува, признава и поддржува.

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ)