
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема да има уставни измени додека Македонците во Бугарија не ги добијат загарантираните права во согласност со меѓународното право и меѓународните конвенции и додека не добијат гаранции дека во иднина земјава нема да се соочува со опструкции и блокади од субјективни причини. Мицкоски повтори дека додека е тој премиер, уставните измени нема да се случат, ако не бидат исполнети овие два услови.
Тој ги повика и пратениците кои во иднина би дошле, да не се согласуваат со ставот на пратеникот кој го постави прашањето за уставни измени без гаранции.
„За да има уставни измени треба 80, односно 79 ваши колеги да се сложат. Јас силно ги советувам останатите 119 во оваа сала да не го поддржат вашиот став за уставни измени без да можеме да ги добиеме минимум овие две гаранции. Ако ние не сме добри да речеме во кластерот на владеење на правото, па нешто не сме испорачале итн. тоа е друга причина. Не сме вратиле некој бегалец од правда или па некој политички заштитен лик којшто порано правел криминал не сме го ставиле во затвор, па за тоа да добиеме критика и блокада, во ред, за тоа нема никаков проблем или па не сме квалитетни во нешто друго. Но, дека нема повеќе да има билатерални прашања којшто ќе го ограничуваат нашиот напредок кон Европа“, истакна Мицкоски.
Премиерот зборуваше и за тоа дека на Македонците во Бугарија им се одземени сите права, а сега бараат само здружение кое би се борело за правата на македонската заедница во Бугарија.
„Мислам дека треба да го поддржите тој став, треба да го поддржите ставот за Македонците од Разлог, од Горна Џумаја, од Сандански, од Пирин треба да го поддржите затоа што во пописот во 56-тата година тие биле 200 илјади и биле мнозинство во Пиринскиот крај на Македонија. Биле две третини од вкупното население, а магично на пописот во 65-тата година бројката станува 9 илјади. Од двесте илјади на 9 илјади и тоа еден поранешен бугарски претседател го кажува како инженеринг на којшто е посебно горд. Им се одземаат правата на своја културна автономија, да општат на својот мајчин македонски јазик, да говорат на својот мајчин македонски јазик, да танцуваат на своите македонски песни, да ги почитуваат своите македонски обичаи. Е тие бараат сега само да имаат можност ОМО Илинден Пирин да биде организација која што ќе ги застапува правата на македонската заедница во Бугарија. Многу ли е тоа?“, праша Мицкоски.
Пратеникот Скендер Реџепи, кој го постави прашањето, рече дека уставните измени сепак ќе се случат, само прашање е колку време ќе изгуби Македонија. Реџепи предложи да се донесе резолуција, со која ќе се заштити македонскиот јазик.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden