
Популацијата на големиот корморан (Phalacrocorax carbo) во регионот на Западен Палеарктик бележи различни регионални трендови, но е генерално стабилна и во пораст. Истото важи и за најголемата колонија на големиот корморан во Македонија, на островот Голем Град на Преспанското Езеро, каде што од 2010 до 2025 година гнездечката колонија флуктуира, но во нагорна линија.
Ова беа дел од наодите што орнитологот Данка Узунова од МЕД и претставниците на National Park Galicica и Society for the Protection of Prespa (SPP) од Грција ги претставија на 11. Меѓународна конференција за корморани што се одржа на почетокот на месецов во Прага, во организација на Истражувачката група за корморани на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN).
Насловена „Екологијата на кормораните во свет што се менува“, конференцијата беше одлично место да се разменат информации и да слушне повеќе за популациите на трите видови корморани – големиот, малиот и морскиот корморан – кои се среќаваат во регионот на Западен Палерктик.
Истражувањата и наодите за распространувањето и бројноста на кормораните, динамиката на популацијата, нивните миграциските движења, нивната исхрана и однесувањето во потрага по храна, промените на популациите на риби и влијанието на климатската криза се исклучително важни среде отворените политички дискусии за конфликтите помеѓу кормораните и економските активности на човекот.
Во пресрет на креирањето на нов план за управување со кормораните, којшто би донел засилени мерки за нивна контрола, Истражувачката група за корморани повика на координирана акција за пребројување на гнездечките и презимувачките колонии на сите три вида корморани на ниво на Западен Палеарктик во 2027 година со цел да се обезбедат експертски аргументи за состојбата на овие популации на птици./nezavisen.mk/vo-porast-kolonijata-kormorani-na-golem-grad-vo-prespanskoto-ezero
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden