Јордан Јанкула советникот на Македонска алијанса за европска интеграција побара поставување на општинското лого со сонцето во Пустец

На седницата на Советот на Општина Пустец, советникот од редовите на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Јордан Јанкула, упати барање до локалната самоуправа за поставување на општинското лого со симболот на сонцето.

Јанкула побара на влезот на Општина Пустец да се постави информативна табла на македонски, албански и англиски јазик, на која ќе биде истакнато логото на општината со сонцето. Исто така, тој нагласи дека истото лого треба да биде поставено и во салата на Советот на општината.

„Според законот за локална самоуправа, пред влезот на институцијата и во салата на Советот треба да стои логото на општината. Во Општина Пустец, откако во 2018 година, општината сама ги отстранети таблите со симболот на сонцето, до денес тие не се повторно поставени. Ова е срамота. Општината треба да преземе мерки и да ги постави таблите со нашиот македонски симбол – сонцето. Ова ни е дозволено од државата и општината треба да ја почитува волјата на Македонците во Општина Пустец“, изјави Јанкула.

Тој повика локалните власти во најкраток можен рок да постапат по ова барање, со цел почитување на законските обврски и афирмација на идентитетот на македонската заедница во општината.