Денес во Пустец официјално ќе биде означен почетокот на туристичката сезона

Со повеќе активности што ќе се одржат на главниот плоштад „Гоце Делчев“, денес во Пустец официјално ќе биде означен почетокот на туристичката сезона.

Во организација на Општина Пустец, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со природните убавини, културно-историското наследство, традициите и обичаите на Преспанскиот регион преку изложени фотоалбуми и презентации.

Дел од манифестацијата ќе биде и промоцијата на традиционалната македонска кујна, при што посетителите ќе можат да вкусат различни локални специјалитети. На плоштадот свои штандови ќе постават ресторани и производители на храна, кои ќе ги претстават своите производи и услуги.

Предвидена е и богата културно-уметничка програма во изведба на локални културно-уметнички друштва и групи, а се очекува присуство на гости од повеќе градови од Албанија и Македонија.

Од Општината упатуваат покана до сите љубители на природата и туризмот да ја посетат Преспа и заедно да го одбележат почетокот на новата туристичка сезона.

Со инвестициите во подобрување на туристичката инфраструктура и условите за престој, Пустец станува сè попривлечна дестинација за домашните и странските туристи. Според локалните власти, минатата година регионот го посетиле околу 100 илјади туристи, а годинава се очекува уште поголем број посетители, особено во текот на летната сезона.