
Делегација на Форумот за човекови права на Македонците со потекло од Егејска Македонија од Скопје денеска престојуваше во Корча за да изрази поддршка за Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и нејзиниот претседател Васил Стерјовски, во пресрет на денешното судското рочиште по тужбата поднесена од Фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија против МАЕИ и Стерјовски.
Членовите на Форумот порачаа дека борбата на Македонците во Албанија за зачувување на нивниот национален идентитет и заштита на човековите права е заедничка кауза на сите Македонци, без разлика каде живеат.
Претседателот на Форумот, Ташко Јованов, нагласи дека Македонците ширум светот внимателно ги следат случувањата во Албанија и остануваат цврсто на страната на своите сонародници.
„Дојдовме во Корча за да покажеме дека Македонците не се сами. Даваме целосна поддршка на нивната праведна борба за зачувување на сопствениот национален идентитет и за почитување на човековите и малцинските права. Воедно, ги осудуваме сите обиди за негирање и асимилација на Македонците во Албанија“, изјави Јованов.
Заблагодарувајќи се за поддршката, претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, истакна дека присуството на делегацијата од Скопје претставува силна порака за единство и меѓусебна солидарност.
„Вашето присуство во Корча ни дава дополнителна сила и уверување дека не сме сами во оваа борба. Македонците се обединети, без разлика каде живеат, кога станува збор за одбраната на својот идентитет и своите права. Ниту судските процеси, ниту какви било притисоци нема да нè поколебаат да продолжиме достоинствено да се бориме за правата на Македонците во Албанија“, изјави Стерјовски.
Фондацијата „Бугарска меморија“ бара надомест на нематеријална штета во износ од 10.000 евра, поради наводно ширење клеветнички и навредливи изјави кои го нарушиле угледот на организацијата.
Тужбата на фондација „Бугарска меморија” следува по дописот кој МАЕИ на 24 јануари 2024 година го испрати до албанскиот премиер Еди Рама, највисоките албански институции и странските амбасади, во кој бараше забрана на активностите на фондација „Бугарска меморија” во Албанија.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden