
Постојат моменти кои не се само дел од историјата, туку и вечен потсетник дека верата, идентитетот и човечкото достоинство не можат да бидат уништени.
Денес за првпат весник “Македониум” ја објавува оваа драгоцена архивска снимка од 1991 година, која ја документира посетата на Преспанскиот митрополит г. Петар на Мала Преспа, непосредно по падот на комунистичкиот режим во Албанија.
Во видеото е забележана посетата на селото Туминец, каде митрополитот Петар повторно го облекува во свештеничка одежда поп Андреа Михал, човек кој со години ја носел тежината на прогонството, но никогаш не се откажал од својата вера.
За време на комунистичкиот режим на Енвер Хоџа, кога религијата беше забранета, поп Андреа беше осуден на осум години затвор затоа што одбил да ја предаде својата свештеничка носија за да биде искористена во театарска претстава со која требало да се исмева православната вера.
Наместо да ја погази својата совест, тој избра да ја плати цената на слободата на духот.
Според сведоштвата, додека бил во затвор и во годините што следеле, поп Андреа често велел дека има само една желба – барем уште еднаш да облече епитрахил, да застане пред светиот олтар и да го прочита Светото Евангелие.
Со демократските промени во Албанија и по Божја промисла, неговата желба се исполни. Тој повторно служеше богослужби во Мала Преспа и остана верен на својата света служба сè до своето упокојување.
Ова видео e сведоштво за силата на верата, за непокорот пред неправдата и за духовната победа над прогонството. Тоа нè потсетува дека има луѓе кои со својот живот покажале дека идентитетот, верата и достоинството не се продаваат и не се предаваат.
Искрена благодарност до Вангел Петровски што го зачувал ова драгоцено видео, снимено од неговиот татко Гоце Петровски, кој бил дел од овој историски настан.
Гоце Петровски, поранешен претседател на Организацијата на Македонците – потомци од Егејскиот дел на Македонија, кој почина во 2021 година, беше неуморен борец за човековите права на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, како и за правата на Македонците во Мала Преспа и во Пиринскиот дел на Македонија. Со огромна посветеност учествуваше во безброј иницијативи, собири и настани поврзани со зачувувањето на историската вистина, националниот идентитет и правата на Македонците.
Нека ова видео остане како траен спомен на едно тешко време, но и како инспирација за идните генерации, дека вистината, верата и љубовта кон својот народ секогаш наоѓаат пат да опстанат.
Осуден за својата вера, но дочека повторно да служи – необјавено видео од Мала Преспа (1991)
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden