
Рама утрово постави неколку столчиња пред зградата на владата во Тирана, повикувајќи ги демонстрантите на дијалог за нивните барања, на столчињата биле поставени листови хартија со натписот „Дијалог“.
Според тамошните медиуми, Рама лично се погрижил за организацијата на овој настан. Потегот следува по повеќекратните повици на премиерот и неговите министри демонстрантите да изберат дијалог наместо насилни протести.
Рама порача дека е подготвен за разговори без претходни услови, но со тоа стави до знаење дека не го прифаќа барањето на демонстрантите за негова оставка како предуслов за дијалог.
„Кој сака дијалог, без услови, каде сака и кога сака, дури и тука ако сака, јас сум достапен заедно со владата. Единствените што не се добредојдени се оние што вршат насилство и не се оградуваат од него“, изјави Рама по поставувањето на столчињата.
Тој нагласи дека останува отворен за сослушување и разгледување на барањата на граѓаните, но истовремено предупреди на строги мерки против лицата што учествуваат во насилни инциденти.
Антивладините протести во Албанија започнаа на 13 октомври, а демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама. Протестите се проследени со инциденти, насилство и судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Меѓу причините за незадоволството се зголемените трошоци за образование и влошените услови во универзитетските кампуси. Студентите ја обвинуваат владата за корупција и за запоставување на образованието.
Дополнително незадоволство предизвикува и продажбата на недопрени делови од албанскиот брег на Јадранското Море за изградба на луксузен комплекс, проект поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Според информациите наведени во првичниот извештај, од почетокот на протестите биле повредени вкупно 310 лица.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden