Архимандритот Јоаникиј Ракотински нов македонски светител

 

Архимандритот Јоаникиј од Ракотинци денеска во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје беше прогласен за светител. На литургија со која чиноначалствуваше архиепискотот Охридски и Македонски г.г. Стефан учествуваа сите Архиери од синод на МПЦ и свештенство од сите епархии на МПЦ.

Беше осветена и иконата на Јоаникиј Ракотински. Одлуката на САС на МПЦ-ОА за впишување на Јоаникиј Ракотински во списокот на светиите ја прочита епископ хераклејски Климент. Претходно, во осум часот од мостот „Гоце Делчев“ тргна свечена литија со моштите на преподобниот Јоаникиј Ракотински кои беа пренесени во соборниот храм.

Архимандрит Јоаникиј Ракотински е роден 1839 година во Охридско, а се упокоил на 24 јануари 1940 година во Ракотинци, Скопско. Бил македонски архимандрит, учител, лекар и православен свештеник. Моштите на архимандритот се сметаат за свети од православното население во Македонија, бидејќи и после 70 години од неговата смрт тие се во одлична зачувана состојба.

За ова свето лице зачувани се многу малку податоци. Се знае само годината на неговото раѓање. Според мештаните, архимандритот го нарекувале Дедо Аџија и потекнувал од Охридско. Според тврдењата, пред да се досели во с. Ракотинци, архимандритот живеел монашки живот во Марковиот манастир. Во неговото време, тој бил сметан за најобразована личност во околината. Преподобен Јоаникиј Ракотински, покрај тоа што бил архимандрит, повремено работел и како учител и локален судија. Доста познат е по неговите познавања од областа на медицината и бил сметан за лекар.

Вниманието на пошироката македонска православна јавност било привлечено со, како што се верува, чудесното појавување на моштите на ова свето лице. Како што се знае, архимандритот живеел и служел во црквата во селото Ракотинци, Скопско. Починал на својата 101 годишна возраст и неговата желба била да почива во истото тоа населено место. Додека сè уште бил жив, архимандритот сам си го ископал гробот каде и го закопале по смртта.

Моштите на светото лице се појавиле двапати. Првиот пат се појавиле за време на социјалистичкиот режим во Македонија и селаните набрзо повторно ги закопале. Вториот пат моштите се појавиле нешто подоцна и тоа било доволна причина да се увери македонската православна јавност дека нешто свето има во неговите мошти. Поточно, со второто појавување на моштите православното население се уверило дека моштите се многу добро зачувани, нераспаднати и верувањата за светоста на архимандритот зајакнале. По второто појавување, локалниот свештеник и селаните го закопале архимандритот во селските гробишта, за подоцна да го вратат во неговиот првобитен гроб. Овој пат, тие го ставиле во стаклен сандак обложен со камени плочи кои се наоѓале насекаде околу ковчегот освен на лицето. Лошата заштита довела до благо оштетување на телото. Сепак истото и денес е доста заштитено.