Охридско Езеро крие седум потонати брода од Првата светска војна (ВИДЕО)

Даниел Атанасовски од „Акватек“ вели дека бројот на бродовите не е точно утврден и тие досега не се доволно документирани. „Познати се многу информации поврзани со овие бродови како нивниот производител и тоа дека биле користени за транспортирање голем товар“, вели Атанасовски и додава дека има простор и мотив за понатамошно истражување.

Бродовите се наоѓаат на 1.000 метри од крајбрежјето покрај градот Струга, на длабочина меѓу шест и седум метри. „Конечниот број на бродовите треба да се потврди, а се смета дека се седум, односно два главни брода што влечеле помошни бродови што носеле товар. На нив се откриени ознаки веројатно од производителот на бродовите „Болзано, Тедеско & ко“, објаснува Атанасовски. Нема точни информации кој ги открил првпат, но од тогаш не се истражени детално. Екипата на „Акватек“, како што најавува тој, заедно со подводниот археолог Никола Паскали, ќе продолжи со истражување, документирање и промовирање на овој локалитет.

Според Атанасовски, тимот на „Акватек“ има цел соодветно да ги документира бродовите, со сите детали, и се надева дека дека локацијата ќе биде заштитена како археолошки локалитет, дека ќе се најдат средства за да се истражат бродовите детално и да се создаде документација што потоа ќе може да биде презентирана и ќе го промовира локалитетот како нуркачка атракција за професионални и рекреативни нуркачи.