
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров оствари средба со сојузниот министер за Европа, интеграции и надворешни работи на Република Австрија, Карин Кнајсл која престојуваше во работна посета на Република Македонија.Министрите Димитров и Кнајсл ја потврдија одличната билатерална соработка помеѓу Република Македонија и Република Австрија, со акцент на активната поддршка на Република Австрија кон евроинтегративниот пат на Македонија и најскоро отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. Воедно, беше укажано на можностите за натамошно интензивирање на соработката во повеќе области од заемен интерес.
Министерот Димитров информираше за приоритетните реформски активности на Владата, како и за преземените активностиза подобрување и продлабочување на добрососедските односи во насока на затворање на отворените прашања со соседите, а во функција на реализирање на главните стратешки цели на Република Македонија. Министерката Кнајсл ја повтори гласната поддршка на Република Австрија за зачленувањето на Република Македонија во Европската унија и изрази надеж дека Република Македонија ќе ги отпочне преговорите со Унијата до јунскиот Самит оваа година. Исто така, министерката истакна дека македонската Влада презема конкретни чекори за решавање на билатералните прашања со соседите, што е високо оценето од земјите–членки на Унијата. Воедно, изрази уверување дека одличната соработка ќе продолжи со интензивна динамика во различните сфери на заемен интерес.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden