АФП: Праисториското Преспанско Езеро во Европа се намалува со алармантна брзина

Истражувањето на кое се повикува НАСА покажа дека езерото изгубило седум отсто од својата површина и половина од својот волумен помеѓу 1984 и 2020 година. Илјадници години Преспанското Езеро беше недопрено. Под притисок на климатските промени, неконтролираното пумпање и загадувањето, ова праисториско езеро во југоисточна Европа се намалува со алармантна брзина.

Се верува дека езерото на тројната граница на Албанија, Македонија и Грција е дом на илјадници животински и растителни видови кои зависат од водата и околните живеалишта.

Високите температури значително го намалија годишното количество снег во областа. Виталните потоци кои се влеваат во езерото пресушија, загрозувајќи ги видовите кои зависат од езерото и блиската вода. Недостигот на врнежи доведе до постојано повлекување на водата, која на места се повлекуваше и до три километри, велат чуварите на паркот.

„Претходно имаше многу повеќе снег кој можеше да достигне метар или метар и половина, додека во последните години речиси и да нема врнежи од снег“, изјави за агенцијата Франс прес (АФП) чуварот Горан Стојановски (38), кој има поминато повеќе од една деценија мониторинг на езерото во Македонија.