Албанија ќе гради центар за цивилна заштита од 30 милиони евра

Албанската Влада донесе одлука за воспоставување систем за цивилна заштита, за што ќе потроши 30 милиони евра, кредит обезбеден од Италија.

Министерот за одбрана Нико Пелеши информираше дека е предвидено да се изгради центар за цивилна одбрана, од кој дел ќе бидат оперативни сали поврзани со центарот, изградба на објекти за пребарување и спасување, набавка на опрема за природни непогоди, меѓу кои и хеликоптери за гаснење пожари.

Владата го усвои договорот меѓу Италија и Албанија за кредит во износ од 30 милиони евра наменети за воспоставување  систем за цивилна заштита. Ќе се изградат четири центри за цивилна заштита, а во сите 12 префектури  ќе има оперативни сали што ќе бидат мрежно поврзани, додаде Пелеши.

Според него во центрите ќе има структури за пребарување и спасување, ќе биде набавена целата потребна опрема за елементарни непогоди, а за вработените ќе биде спроведена и обука. Ќе бидат набавени возила и опрема за пожарникарите. Дел од кредитот ќе биде наменет за набавка на два хеликоптера за гаснење пожари, кои ги немавме. Ќе има и тренинг камп за пожарникари, рече Пелеши.

Advertisement