Албанија: Снимките од бегството на Груевски не можат да се обезбедат

Државниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески денеска кажа дека не е постапено по барањето за меѓународна правна помош од безбедносните служби на Албанија и дека до овој момент снимките од безбедносните камери во врска со бегството на експремиер на Република Македонија, Никола Груевски од Албанија не се обезбедени.

На прашање дали албанската гранична полиција и обвинителството го одбиле нашето Обвинителство за организиран криминал да му ги дадат снимките од транзитот на граничните премини од Македонија кон Албанија во претпоставените денови на бегството на Груевски на 8, 9 и 10 ноември Јовески рече: „Има неколку образложенија од албанската страна, но основно е дека имало голем број снимени материјали на камерите и дека тој нивни систем не можел подолго да ги чува“.

На прашање дали албанските гранични служби ги имаат избришано тие снимки, Јовески рече дека одговорот не е оти биле избришани, туку дека уредот автоматски си работи така. Тој додаде дека меѓународната помош е сложена операција која се остварува под посебни услови и дека нашето обвинителство направило сѐ по процедура, но дека резултатот е тој.

Експремиер на Република Македонија, Никола Груевски избега преку Албанија, а крајна дестинација беше Унгарија, каде што добил политички азил.

Advertisement