Албанија забрани користење приватни возила, апел до граѓаните да останат дома

Албанија го забрани користењето приватни возила, ќе затвори голем број установи, а до граѓаните апелираат да останат дома. Оваа одлука стапува на сила утре. Поради коронавирусот ќе биде забранета употребата на сите приватни возила во осум албански градови. Ќе сообраќаат само државните, товарните и амбулантните возила. Забраната се однесува на периодот од сабота од 6 часот наутро до недела на полноќ.

Патиштата од Тирана до Драч и останатите делови на земјата ќе бидат затворени. Премиерот на Албанија Еди Рама соопшти дека забраната може да биде продолжена и по недела.

„Овие екстремни мерки кои ја ограничуваат слободата на движењето се неопходни за заштита на сите граѓани и семејства, но и Албанија од агресивна ескалација на коронавирусот кој ги напаѓа нашите сакани“, изјави Рама. Тој кажа дека вирусот ќе нападне многу луѓе и дека 80 отсто од заразените ќе бидат без симптоми на болеста.

„Тоа значи дека секој од нас може да биде носител, дури и ако немаме симптоми ние сме одговорни за заштитата на постарите и болните лица кои нѐ опкружуваат, бидејќи ако им го пренесеме вирусот ќе им „подариме“ многу проблеми. Од оние кои имаат симптоми мал број ќе бидат болни до таа мера да им биде потребна хоспитализација бидејќи ќе чувствуваат симптоми на обичен грип. Повеќето од оние кои ќе завршат во болница ќе бидат излечени но никој не смее да ја потцени малата веројатност дека тие или нивните најблиски можат да го загубат животот“, кажа Рама.

Државните органи во Тирана и Драч нема да работат утре. Вработените на аеродромите и во државните институции мора да ги испратат своите податоци на полицијата за да им биде обезбедена храна.

Advertisement