Албанскиот парламент ја ратификува Спогодбата за отворање македонски културно – информативен центар во Тирана

Албанскиот парламент на денешната попладневна пленарна седница ја ратификува Спогодбата за отворање македонски културно – информативен центар во Тирана со 96 гласа „за“, 2 „против“ и 2 „воздржани“. На седницата, за значењето на центрите кои ќе се отворат во Тирана и во Скопје, зборуваше Васил Стерјовски, пратеник од партијата Македонска алијанса за европска интеграција, кој од име на партијата и од сите Македонци во Албанија ја изнесе целосната подршка за отворање вакви центри.

Отворањето на овие културно-информативни центри во Тирана и Скопје ќе ги интензивира културните односи меѓу двете земји, ќе го зајакне понатамошниот развој на односите меѓу Албанија и Македонија, ќе се развие и зајакне меѓукултурната соработка и ќе се создадат услови за уметници од двете држави да ја претстават својата работа во двете држави, рече меѓу другото Стерјовски. Додаде дека овие културно-информативни центри ќе ја шират и презентираат албанската култура во Македонија и македонската култура во Албанија преку организирање разни настани, изложби, литературни и научни предавања, филмски проекции, промоција во медиумите и обезбедување информативни услуги за заинтересираните граѓани на двете страни.

Интересот на нашата земја е да ги интензивира добрососедските односи со Република Македонија на реципрочна основа во политики, економски и културен план како и во областа на заштитата на албанската заедница во Македонија и македонската заедница во Албанија. Македонците во Албанија и Албанците во Македонија се мост на соработка и братство во албанско-македонските односи, врз основните принципи на меѓународното право засновано на еднаква сувереност,посочи Стерјовски. Нагласи дека Република Албанија и Република Македонија заедно се движат по европскиот пат и оти голема е надежта дека во март оваа година и двете држави ќе започнат преговори за членство во ЕУ.

Овие културно-информативни центри ќе придонесат за културна соработка меѓу двете земји и ќе бидат важен придонес за понатамошно зајакнување на пријателските односи меѓу Албанија и Македонија,рече Стерјовски. Потсети дека владите на двете земји договорот за отворање на културно-информативен центар на Република Албанија во Скопје и културно-информативен центар на Република Македонија во Тирана го потпишале минатата година. Но,додаде, иако Република Македонија уште пред десет месеци го ратификува овој договор и назначи и директор на културно-информативниот центар во Тирана, Албанија го одложуваше ратификувањето на овој договор без никакво оправдување. Работите околу ова прашање се поместија од статус кво состојбата откако прашањето на пленарна седница во албанскиот парламент го изнесе пратеникот Стерјовски, кој на двапати и писмено преку Парламенотот побара од владата да ја достават Спогодбата за ратификација.

И македонското друштво „Илинден“-Тирана, реагираше околу ова прашање и во име на Македонците во Република Албанија го искажа незадоволството поради нератифкацијата на договорот и ја повика Владата што побрзо да го достави до Собранието на Албанија за негова ратификација. Инаку, за директор на македонскиот КИЦ во Тирана назначен е Златко Ориѓански кој сто така реагираше на бавноста на албанскиот Парламент во ратификацијата на Спогодбата.

Advertisement