Албанскиот парламент со најмногу жени во демократската ера

За првпат во него има 39 пратенички, што е највисоко ниво на застапеност на жените во законодаваниот дом на Албанија од 1992 година. Во новиот албански парламент по изборите на 25 јуни, од вкупно 140 пратеници, 39 се жени или 27,85 отсто. Најмногу избранички се од редовите на Социјалистичката партија – 22, Демократската партија има 11 пратенички, Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ) пет и една пратеничка е од Партијата за единство и правда (ПДИУ), која е избрана во Пешкопеја.

Социјалистите имаат пратенички од сите изборни единици, а во Тирана дури шест, демократите имаат пратенички од изборните единици воТирана, Валона, Скадар, Корча, Драч и Лежа, ЛСИ во Тирана, Драч и Елбасан. Минатиот албански Парламент имаше 19 пратенички или само 13 отсто. Во составот на новата влада на Еди Рама, како што објавија медиумите, жените ќе раководат со осум министерски места. Владата ќе брои 21 член, а ќе има двајца вицепремиери и 19 министри.