Амбасадорот на Македонија во Тирана, Луфтим Спахиу освари средба со учесниците на утрешната манифестација “Промоција на македонски вина и вински туризам”

По повод “Недела на македонската култура”, во топла и пријатна атмосфера вршителот на должноста амбасадор на Македонија во Тирана, Луфтим Спахиу во македонската амбасада во Тирана, освари средба со учесниците на утрешната манифестација “Промоција на македонски вина и вински туризам”.

На утрешната промоција 12 познати македонски винарии ќе ги изложат своите вина, а ќе ги презентираат  можностите за вински туризам. Промоцијата ќе почне во 14 часот во познатата „Пирамида“, значајно културно обележје во центарот на Тирана, со интонирање на македонската химна, додека дополнително настанот ќе биде збогатен со настап на фолклорна група од Преспа, чии членови во традиционални македонски носии, ќе изведат повеќе македонски песни и ора.

Разговаравме за срцето на македонските лозја и испреплетените приказни на генерации, кои внесуваат душа во познатиот македонски нектар “македонско вино”. На оваа средба со семејните винарии, ги споделивме соништата вткаени во секоја капка вино, гордост и љубовта кон земјата и македонската традиција. Заедно разменивме искуства, идеи и визии за промоција, на нивните производи со искреност и надеж за уште побогата винска иднина, објави Амбасадата на Македонија во Тирана.

Манифестацијата „Недела на македонската култура“ е во организација на Македонската амбасадата во Тирана и Македонскиот Културно-информативниот центар и се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам на Македонија, Министерство за економија, култура и иновации на Албанија и Општина Тирана.