Антивладини протести во Иран двајца загинати (ВИДЕО)

Иранската влада денеска упати „сурово“ предупредување до анти-владините демонстранти дека „ќе ја платат цената“ поради протестите во кои двајца луѓе беа убиени. Според министерот за внатрешни работи, Рахмани Фазли, поради злоупотребата на социјалните мрежи од неколку индивидуалци, во државата се ширело насилство и страв. Тој се закани дека таквото однесување бара да биде скршено. Информациите за ширењето на протестите главно се споделувале преку Твитер и Телеграм, бидејќи националните телевизии не известувале детално за протестите. Двајца се убиени вчера во градот Доруд.

Во Иран се протестира изминатите три дена против Револуционерната гарда на Иран поради лошиот животен стандард во земјата, односно против врховниот лидер на Иран, Ајатолах Али Хамнеи. Протестите поради лошиот животен стандард почнаа во четвртокот во градот Машад, на североистокот на Иран, а потоа се проширија и во другите градови. Бранот протести вчера стигна и во главниот град на земјата, Техеран. Ова се најголемите протести во Иран од прореформските демонстрации кои беа одржани во 2009 година.