Арбен Кинѓи ја презеде функцијата Началник на Генералштабот на албанската армија

Бригадниот генерал Арбен Кинѓи  официјално ја презеде функцијата Началник на Генералштабот на албанските вооружени сили.  Него на официјалната церемонија го претстави министерот за одбрана, Нико Пелеши.
 
Генерал Кинѓи доаѓа на оваа функција како резултат на успешната 28-годишна кариера на албански војник. Ја  презема функцијата во време кога безбедноста и мирот се вистински загрозени и се во опасност поради руската инвазија врз Украина, рече Пелеши.
 
Новиот началник на ГШ вети дека ” вооружените сили ќе продолжат да се развиваат и  интегрираат со цел професионално извршување на обврските и придонес за мирот и безбедноста, преку учество во мисиите на НАТО,  Европската унија и регионалните иницијативи”.
 
Бригадниот генерал Арбен Воке Кинѓи кој по потекло е од село Шиштавец, област Гора, доаѓа на местото на генерал Бајрам Бегај, кој оваа функција ја напушти во почетокот на јуни, кога беше предложен а потоа и избран за претседател на Албанија.

Во 2020 година, беше унапреден од тогашниот претседател Илир Мета во чин бригаден генерал, а на новата функција дојде од командант на баталјонот за поддршка во Генералштабот.

Извршувал и други должности како што е военото аташе на Република Албанија во Романија, командант на воената полиција и командант на контингентот во повеќе мисии во Авганистан и Ирак. 

Advertisement