Архиерејскиот жезол на Скопскиот митрополит Гавриил (1832–1844) на Света Гора (ФОТО)

Фото:Бигорски Манастир Св. Јован Крстител

Меѓу многуте благословени и трогателни мигови што го одбележаа неодамнешното поклонение на нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, на Светата Гора Атонска, еден особен настан во свештениот Кутлумушки скит на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон во Кареја како да спои две далечни точки од црковната историја.

За време на сеноќното празнично бдение, на кое нашиот Старец претстоеше по срдечната покана на дикејот на Скитот, преподобниот јероѓакон о. Хрисостом, домаќинот му укажа една ретка чест: му предаде да го носи за време на свештената богослужба еден од старите архиерејски жезли што со особена грижа се чуваат во ова светогорско светилиште.

Станува збор за свештена реликвија што непосредно ја поврзува историјата на овој светогорски Скит со црковната историја на нашиот крај. Имено, според зачуваниот запис во старата инвентарна книга на Скитот, во 1846 година блаженоупокоениот митрополит Скопски Гавриил му оставил на ова свештено светилиште значителен прилог од пет илјади гроша, како и една сребрена, позлатена архиерејска патерица – жезол. Во стариот ракопис изречно се споменуваат зборовите „Γαβριήλ ἀρχιερεύς“ – „Гавриил архиереј“ – и подарената „πατερίτζα“, а името на архиерејот е врежано и на самиот жезол.

Така, овој предмет, кој речиси два века со побожност се чува во Скитот на свети Пантелејмон, не претставува само драгоцено историско сведоштво. Тој е тивок сведок на вековните духовни врски меѓу Света Гора и православниот народ од нашите краишта; сведоштво за едно време кога растојанијата биле големи, а патиштата тешки, но црковното сознание и приврзаноста кон Богородичната Градина ги надминувале сите земни пречки.

Токму затоа гестот на дикејот о. Хрисостом добива уште подлабока смисла.

Во онаа ноќ, кога епископот Партениј за првпат како архиереј претстоеше на светогорска богослужба, во неговите раце се најде жезолот што, речиси сто и осумдесет години претходно, еден Скопски архиереј го оставил како свој дар на ова светогорско светилиште.

Како Божјата промисла за еден миг да ги приближила времињата толку далечни едно од друго.

Еден архиереј на Скопје од XIX век му го принесува својот жезол на свети Пантелејмон, а поколенија подоцна, во истиот Скит, тој жезол повторно станува дел од живото богослужение, носен од нашиот Старец во една особено благодатна молитвена ноќ.

За нас овој миг беше уште едно потсетување дека Света Гора никогаш не била далечна од духовниот живот на нашиот народ. Нејзините врски со нашите краишта не се создадени денес, ниту се плод само на современите црковни односи. Тие се врежани во старите ракописи, во ктиторските записи, во даровите принесувани пред светогорските Жртвеници, во молитвеното паметење на монасите и, како во овој случај, дури и во еден стар архиерејски жезол што ги преминал поколенијата.

Особено трогателен е и фактот што ова сведоштво од минатото излезе од ризницата не само за да биде покажано како музејски предмет, туку и повторно да послужи во богослужението.

Зашто во Црквата вистинското Предание никогаш не е мртво минато. Тоа е живо паметење, благодарност и непрекинато предавање на благословот од едно поколение на друго.

Со благодарност кон дикејот о. Хрисостом за оваа исклучителна чест и за љубовта со која го прими нашиот Старец и Бигорското братство, го запишуваме и овој мал, но драгоцен детаљ од нашето светогорско поклонение – како уште едно сведоштво дека понекогаш еден стар предмет може да проговори посилно од многу зборови.

Архиерејскиот жезол на Скопскиот митрополит Гавриил, кој од XIX век се чува во Скитот на свети Пантелејмон, таа благословена ноќ повторно стоеше пред Светата Трпеза Господова – во рацете на нашиот возљубен Старец.

И минатото и сегашноста, за еден миг, како да продреа зад завесата на времето и се сретнаа во истата молитва и во истата благодарност.

Фото:Бигорски Манастир Св. Јован Крстител

Фото:Бигорски Манастир Св. Јован Крстител

Фото:Бигорски Манастир Св. Јован Крстител

Фото:Бигорски Манастир Св. Јован Крстител

Архиерејскиот жезол на Скопскиот митрополит Гавриил (1832–1844) на Света Гора