Австралија: Разрешена градоначалничката Стерјова поради нарушените односи меѓу македонската и грчката заедница

Советот на австралиската општина Витлси заедно со најмладата градоначалничка во Австралија Емилија Стерјова се разрешени по препорака на истражителот испратен од министерот за локална самоуправа. Истражителот беше назначен да го испита работењето на Советот поради нарушените односи меѓу македонската и грчката заедница.

Емилија Стерјова (22), Македонка по потекло, лани во декември добиваше смртни закани од припадници на грчката зедница поради нејзиното присуството на прослава на матуранти и играње оро со шеснаесетокракото сонце од Кутлеш.

Истражителот Јехуди Блечер предложил распуштање на Советот затоа што биле нарушени односите меѓу советниците, а градоначалничката ги „воспалила односите меѓу македонската и грчката заедница“. Претходно, куќата на истражителот била посетена од две непознати лица кои упатиле закани до сопругата на Блечер. Полицијата го истражува и овој случај. Министерот за локална самоуправа ја прифатил препораката на истражителот и Советот и градоначалничката се разрешени.

„Јас не бев нападната за она за што се залагав. Бев нападната за тоа што сум“, вели во реакцијата Емилија Стерјова

„Однесувањето на истражителот резултираше со жалби и истраги за неговото заканувачко и застрашувачко однесување. Тој предложи на жителите на општина Витлси да им бидат одземени основните демократски права на претставување во општината“, пишува во отвореното писмо Стерјова, која инаку на 7 ноември 2019 година стана најмладата жена градоначалник во австралиската историја.

„Отфрлањето на избраниот Совет поради препорака на избрзан извештај на еден истражител на жителите на Витлси им го одзема основното право да избираат свои советници и да бидат претставени… Ги повикувам премиерот и министерот за локална самоуправа да го отфрлат избрзаниот извештај на истражителот и неговите препораки. Единствените губитници во овој случај се граѓаните на Витлси и демократијата“, напиша Стерјова./www.mkd.mk