Бегај нема да учествува на вечерата со лидерите од Западен Балкан организирана од Мицотакис

Претседателот Бајрам Бегај нема да учествува на неформалната вечера што ќе се одржи во Атина на 21 август, информираа од неговиот кабинет. Во одговорот до Мицотакис тој изразил „жалење поради неможноста за учество поради претходно утврдена агенда”.

На 14 август 2023 година, премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, упати покана до претседателот на Републиката, Бајрам Бегај, да присуствува на неформална вечера на 21 август 2023 година, во Атина. Ден потоа, на 15 август 2023 година, претседателот Бегај во испратениот одговор, откако високо го оцени вниманието што грчкиот премиер Мицотакис го посветува на случувањата поврзани со безбедноста на Европа, изрази жалење за неможноста за учество поради претходно дефинирана агенда, стои во соопштението.

Соопштението од кабинетот на Бегај објавено е доцна попладнево, по низата барања на медиумите зошто Бегај ја одбил поканата.

Во отсуство на подетални информации за агендата, на која се оправдува Бегај, за одбивање на поканата, дел од албанските медиуми тоа го поврзуваат со заладените односи меѓу двете земји по различните ставови околу прашањето “Белери”.

По апсењето на реизбраниот градоначалник на Химара,  Фреди Белери, припадник на грчкото малцинство во Албанија, и неговото задржување во притвор, официјална Атина во континуитет бара негово ослободување условувајќи ја Албанија со нејзиниот евроинтегративен пат, што Тирана го смета за мешање во внатрешните работи и притисок врз правосудните органи.

На неформалната вечера присуство потврдиле српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот Јаков Милатовиќ, македонскиот и косовскиот премиер, Димитар Ковачевски и Албин Курти и претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто.

Advertisement