Не би требало да морам да ги објаснувам основите на човековите права на западен дипломат или политичар, но, добредојдовте во мојот свет, свет во кој морам да го бранам постоењето на мојата етничка група и да се борам да се запре политиката која води кон наше бришење.
Откако бев принуден да и објаснувам на Кати Ксаба, канадската анти-македонска амбасадорка во Македонија, дека принудното менување на името на нашата држава и на нашата етничка заедница, идентитет и историја, за да се одоброволат нашите угнетувачи е антитеза на човековите права, и раскажав една случка од животот, во надеж дека ќе допрам до нејзината, како да кажам, човечност. Приказната е за пријател на едно од моите деца кој ни кажа дека неговата етничка група има нарушени односи со друга група поради долгорочни тензии. Ми раскажа како неговите родители го учеле дека другата заедница е „лоша“. Потоа не праша, „а кого мразите вие?“ Нашиот одговор беше – никого.
Но како да им објаснам на моите деца дека многу луѓе не мразат нас? Не добив никаков одговор од Кати, што е за очекување бидејќи таа работи на поттикнување на оваа омраза.
Ние сме Македонци, и самото спомнување на името на нашата етничка група предизвикува омраза кај нашите угнетувачи. Да, нашето постоење предизвикува гнев. Името на нашата земја е Македонија. Отсекогаш било исто, дури и по стотици години под странска окупација. Но, сега нашето име принудно се менува, заедно со нашиот етнички идентитет.
И што сега да им кажам на моите деца? Како да им објаснам дека нашата етничка заедница со сила се преименува и редефинира. Дека нашиот идентитет им се дава на нашите угнетувачи? Дека историјата на нашиот народ се брише и препишува согласно потребите на тие што сакаат да не снема? Дека нашите најосновни човекови права се кршат на секој можен начин. Дека Канада, земјата во која што сме родени, го поздравува и помага во бришењето на земјата од која што потекнуваме. Кати, што би им кажала на своите деца да си во наша положба?
Канада продолжува јавно да го поддржува принудното преименување на Македонија, и покрај тоа што е апсолутно информирана за бруталните американски тактики кои се користеа во овој процес, кои вклучуваа и физичко затворање и закани упатени кон жени-пратенички, упатување закани против нивните семејства, апсење на дисиденти, напади и претепување на демонстранти од страна на полицијата, кршење на македонскиот Устав, собранискиот Деловник и Кривичниот законик, затворање на медиуми и групи на социјалните мрежи и уште многу многу повеќе.
Зошто се правеше сето ова? За да се задоволат барањата на Грција, која го блокираше македонскиот прием во ЕУ и НАТО со своето вето.
Место да разговараме за оваа брутална реалност, дека Канада помага во бришењето на мојата етничка заедница, Кати Ксаба реши да ме информира дека во иднина Канада гордо ќе ја признава Македонија како „Северна Македонија“, а не како Македонија (и покрај мноштвото докази кои и беа предочени, вклучително и извадоци од средбите кои ги имав со министерката за надворешни работи Синтија Фриланд и нејзините советници). Принудното преименување ја менува нашата етничка заедница, и сега треба да се нарекуваме „Северномакедонци“. Кои се тогаш Македонците? Трите неодамнешни договори и отстапки кои и беа наметнати на Македонија од страна на ЕУ и САД – Преспанскиот договор, иронично именуваниот Договор за пријателство и Законот за употреба на јазиците – ги препуштаат македонската историја, идентитет и име на Грција, Бугарија и Албанија. Ова е нова поделба на Македонија, но со модерни средства.
Во 1913 година регионот Македонија беше поделен меѓу Србија (овој дел сега е независната Република Македонија), Бугарија, Грција и, подоцна, Албанија. Оттогаш Македонците се борат против обидите за наше бришење, принудно асимилирање и присвојување. Како може Македонец да биде во исто време и Србин, Бугар и Албанец? Македонците се Македонци. Политичките игри и корупцијата не може да дозволат да се избрише една вековна нација. Да не заборавиме на ироничниот факт дека Грција го забрани зборот „Македонија“ во 1913 година и го негираше неговото постоење се до 1988 година, кога изврши драматичен пропаганден пресврт и почна кампања да го лаже светот дека Македонија им припаѓа на нив.
Ставете се на наше место. Што ако вашиот етнички идентитет им биде даден на други, со согласност и поддршка од Западот, кој уште го слави тој чин како „решавање на дипломатски спор“?
Погледнете еден од мноштвото документи од островот Елис и кејот 21 од раните 1900-ти години, во кои се признава дека македонските доселеници во Северна Америка навистина имале македонски идентитет, и покрај тоа што биле под турска окупација. Како може сега, со еден потег на пенкалото, да бидат избришани нашиот идентитет и историја? Моето семејство дојде во Канада да побегне од прогонот од страна на Грција, Албанија, Бугарија и Србија. Нивниот грев беше тоа што беа Македонци. Сега и Канада им помага на нашите угнетувачи во бришење на нашиот идентитет.
Кати, ми кажа дека имаш унгарско потекло. Што ако Унгарија беше принудена да се прекрсти во „Западна Унгарија“ а дефиницијата на зборот Унгарец одеднаш и беше дадена на Романија? Што ако унгарската историја беше редефинирана од група Романци, како што македонската историја сега ја пишуваат Грци (според членот 8 -5) од анти-македонскиот Преспански договор? Што би сторила ако се појави документ во кој, на 19 страници, се вели дека одеднаш ти и твоите предци имате нов идентитет и се што мислевте дека знаете за себе одеднаш веќе не важи?
Кати, заслужуваме да добиеме одговор. Македонците заслужуваат поддршка. Вие ширите омраза против една цела етничка група, и со тоа сте срам за (некогашната) репутација на Канада како заштитничка на човековите права. /Бил Николов – Претседател на меѓународната организација за човекови права од Канада.