Биста на хероината од Егејска Македонија Мирка Гинова народен херој на Македонија поставена во Велес

Здружението за заштита на човековите права на прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија ЅВЕЗДА од Велес, општините Велес, Чашка и Градско, како и Сојузот на борците на Велес и Сојузот на пензионерите “Мирка Гинова“ од населбата Превалец, денес во Велес беше откриена биста на хероината Мирка Гинова.

Мирка Гинова е симбол на македонскиот непокор: Како се сака и како се брани татковината Македонија! На денешен ден се навршуваат 73 години од убиството на Мирка Гинова и 102 години од нејзиното раѓање.

Бистата беше поставена на постоечкиот постамент на плочата на загинатите Македонци од Егејскиот дел на Македонија доброволци во Граѓанската војна во Грција, кои заминале од тогашната Велешка околија.

Донатор на бистата на Мирка Гинова е академскиот скулптор Петре Наневски, а ја откри градоначалникот на општина Велес Аце Коцески и авторот. За животот и делото на Мирка Гинова зборуваше проф.д-р Ѓорги Малковски.

Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија ЅВЕЗДА од Велес секоја година го чествува поменот и споменот на загинатите доброволци од Велешката околија во Граѓанската војна во Грција Секоја година. Бидејќи не се знае датумот на нивната смрт, одбран е 26 јули бидејќи на тој е убиена учителката Мирка Гинова.

На спомен-плочата се испишани имињата на 115 Македонци од Егејскиот дел на Македонија, загинати во Граѓанската војна во Грција како учесници во Демократската Армија на Грција (ДАГ), доселеници од Егејскиот дел на Македонија во Велес. Во ДАГ заминале околу 400 Македонци од Егејскиот дел на Македонија доселени во Велес, меѓутоа од нив загинале 115 Македонци.

Свежо цвеќе на спомен-плочата положија делегации на градоначалникот на општина Велес, Здружението за заштита на човековите права на прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија ЅВЕЗДА од Велес, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Сојузот на борците од Втората Светска Војна од Велес, Светскиот Македонски Конгрес, Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија СВЕТИ ГЕРМАН од Скопје, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија МИРКА ГИНОВА од Штип, Здружението на граѓани СОНЦЕТО ОД КУТЛЕШ од Скопје и Прилепското здружение на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и нивните потомци ПРИЛЕП од Прилеп.

МИРКА ГИНОВА 1916-1946

Мирка Гинова (по грчки Ирина Гинис) е родена во сиромашно македонско семејство, во село Русилово, Воденско, во Егеjскиот дел на Македониjа. Мало село со околу шеесетина семејства, во близината на Островско езеро, во 1916 година. Убиена е во Ениџе Вардар, на 27 јули 1946 година. Мирка Гинова е деец и борец за демократија и слобода од времето на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција. Заедно со илјадници македонски и грчки патриоти, се бореше против фашистичките окупатори на Грција, а подоцна и против силите на реакцијата и монархофашизмот. Мирка Гинова беше жена која не го прифати животот како милост во замена за идеалите на македонската борба и слобода. Како борец на македонското национално ослободително движење, таа стана симбол за храброста и смелоста на македонската жена. На двегодишна возраст, останува без својата мајка, која умрела од грип, со што ја почувствувала сета горчина и страдања во животот.

Основно училиште завршила во селото Катраница. Нејзиниот татко – Костантин Гинов, иако сиромашен, согледувајќи ја нејзината жед за знаење, со малку средства, ја испратил на курс за учителки во Костур. По завршувањето на учителската школа во Костур во 1939 година, Мирка подолг период се обидувала да се вработи, но шест години, фашистичкиот режим на Метаксас ја попречувал да најде вработување. Во овој период, диктаторскиот режим со крајна бруталност ги прогонувал Македонците, третирајќи ги како граѓани од втор ред и интернирајќи ги по пустите острови во Јужниот дел на Грција.

Пред почетокот на грчко-италијанската војна, на 29 октомври 1940 година, таа е назначена за учителка во Воденско. Мирка, грижлива како мајка, целата своја љубов ќе ја насочи кон децата. За кусо време ќе ја стекне нивната доверба и почит. Станува нивен пријател. Цело село ќе ја прифати како нивна, изразувајќи должна почит и љубов кон самопрегорната учителка. Сепак, нејзиното учителствување нема да трае долго. Хитлеровата воена машинерија во април 1941 година ја окупира Грција. Грчката војска набргу капитулира на 20 април 1941 година. Со почетокот на фашистичката окупација на Грција се измени и уште повеќе се влоши положбата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Свесна дека само преку вооружена борба може да се стигне до слободата, Мирка Гинова ќе се приклучи во редовите на ОКНЕ и младинската организација ЕПОН.

Како активист на ЕПОН, илегално делува во воденските и мегленските села. Таа ги организира македонските младинки и младинци кои ја помагаат народно ослободителната борба. Регрутира нови борци, а самата заминува во партизани во 1943 година во околината на Кајмакчалан. Илегално дејствува по воденските и мегленските села, а во 1943 година се вклучува во редовите на Народно Ослободителната Борба и станува секретарка на Антифашистичкиот Фронт на Жените за Воденскиот округ. Во 1946 година е заробена во една акција на грчката војска, осудена од воениот суд во Ениџе Вардар и стрелана. Нејзините подвизи и нејзиното име со гордост се споменувани меѓу македонскиот народ и грчките патриоти. Македонскиот народ за неа испеал повеќе песни, а во нејзина чест низ Македонија има десетици институции кои го носат нејзиното име. По капитулацијата на Германија во 1945 година, радоста на населението во Егејскиот дел на Македонија не траеше долго. По ослободувањето на Грција, новата власт започна да ги прогонува членовите на ЕЛАС кои масовно беа апсени, затворани и подложени на невидена тортура, посебно подложени на репресалии биле Македонците во Егејскиот дел на Македонија.

Во 1945 година Мирка се приклучува на Тајната ослободителна македонска организација (ТОМО) и при избувнувањето на граѓанската војна во Грција учествува во вооружените групи на народно-ослободителниот фронт. На 6 јули 1946 година, во местото Долга Ливада на планината Почеп, во близината на Воден, Мирка Гинова формирала мал партизански одред. Набрзо, во една акција на 400 грчки жандари и војници, одредот бил опколен и започнала борба во која Мирка Гинова (која единствено била вооружена) убила двајца жандари. Кога останала без муниција, Мирка Гинова, заедно со шестмината свои другари, била заробена. Притоа, жандарите брутално се нафрлиле врз неа и, со раскината облека и целата облеана во крв, ја носеле по улиците на Воден, но таа одела со исправена глава и цело време им се смешкала на луѓето кои се собрале да ја видат. Потоа, започнало ужасно мачење во кое Мирка Гинова била тепана со дрвени колци, кундаци и метална жица, под ноктите ѝ забивале шајки, а низ телото ѝ спроведувале струја. Била жива закопана, до висина на вратот, додека жандарите пукале над нејзината глава. Мирка Гинова и шесте нејзини другари биле спроведени во Ениџе-Вардар. На судењето кое се одржало во градското училиште на 25 јули 1946 година, воениот суд ја осудил на смрт со стрелање. Заедно со другите соборци, Мирка Гинова (30) била стрелана на 27 јули 1946 година. Покрај неа, биле стрелани и: Ристо Стојанов (45), Томе Мијангов (55), Георги Проев (25), Петре Поп Димитров (35), Димитар Лимбов (40) и Горгиос Муцакис – Алеко. За време на судењето, таа ја покажала сета своја храброст. Иако свесна за последиците, пред судот во своја одбрана изјавила: “Mакедонка сум и верувам во Комунистичката Партија на Грција, бидејќи само таа партија ги претставува желбите на луѓето во Грција и гарантира за Македонците еднакви права со сите други. Се борев против Германците … и сега сум горда дека умирам, бидејќи се борев против новите окупатори!“ Слична храброст ќе покаже и на самиот чин на стрелањето, кога не дозволила да ѝ ги врзат очите, а цело време ја пеела “Интернационалата”, викајќи “Ура за Комунистичката партија на Грција!”.

Грчки војник кој присуствувал на чинот на стрелањето ќе ги забележи последните мигови на Мирка Гинова. Во писмото испратено до нејзиниот татко Константин тој ќе напише: “…Ви честитам за ќерката што сте ја родиле. Ја пресретна смртта со насмевка на усните, смело пеејќи. Сите присутни се зачудивме. Во 5.30 и се доближив и прашав дали сака нешто да им напишам на родителите. А таа ми рече: ‘Ако милувате, пишете му го на татко ми следното: ‘Умирам за нешто во што верувам со сета душа, како чесна, а не како нечесна, не за мојот, а за поарен живот на другите‘. Беше чудесна, ниту пред смртта не покажа малодушност. А, исто така, и другите шестмина, но, повеќе таа. Не ви ги пишувам овие зборови за да ја пофалам вашата ќерка, туку ја изложувам само вистината што ја видов. Ве поздравувам јас, еден војник, кого должноста го натера да присуствува на овој жалосен чин. Ја имав желбата да ви ги напишам последните зборови на незаборавната Ирина, на сите позната како Мирка…”

Мирка Гинова е прва жена стрелана во Грција од политички причини. Народот ја опеал нејзината смрт, а повеќе македонски поети на Мирка и’ посветија потресни стихови. Таа загина во одбрана на честа и за слободата на својот македонски народ. Достоинствено, храбро, рамо до рамо со своите соборци, ги исполни историските завети. Меѓу младоста и куршумот ја избра бесмртноста.

За своите заслуги, таа е посмртно прогласена за Народен херој на Македонија. Вечна и’ слава на славната Ирина, Македонката Мирка од Русилово, Воденско, во Егеjскиот дел на Македониjа. Амин!

Advertisement