Македонски весник “Илинден“: Господине Огненовски, во неодамнешната реакција до македонските медиуми и јавноста, кое го добивме и ние, покренавте многу прашања. За почеток, може ли да нѝ кажете зошто сметате дека „…екологијата во Македонија е мислена именка“?
Јорго Огненовски: Политичката партија ДЕМОКРАТИ постои од 2018 година и до сега има објавувано, реагирано и негодувано на бројни состојби низ државава во однос на екологијата. Секако, крајно несовесното и неодговорно однесување на министрите задолжени за тој ресор во македонската Влада, најмногу придонесува да имаме најзагадени градови во Европа, а неретко и во светот. Тоа е само еден показател дека екологијата во Македонија е мислена именка, а не процес или обид за ставање под контрола на загадувањето на амбиенталниот воздух. Дополнително, сведочиме на горење на отпадот, наместо негово селектирање и рециклирање, нешто што повторно се поврзува со отровот кој секојдневно го дишат македонските жители. Како политичка партија ДЕМОКРАТИ уште при своето основање промовираше програма за изградба на мали капацитети за рециклирање на отпад, со што не само што ќе се спречеше горењето на измешан смет, туку се предвидуваше отворање на работни места. Сепак, тоа до денес не само што не се случи, туку сметот низ Македонија се наоѓа на секој агол и претставува еколошка бомба акоја сите нѐ чини здравје, а некого и живот.
Македонски весник “Илинден“: Господине Огненовски, ова прашање го поврзавте со економијата. Може да нѝ го дообјасните тој став?
Јорго Огненовски: Секако, економијата исто како и екологијата зависи од властите и реалните стратегии направени од специјалисти во секоја област. Кај нас, многу се показателите за крајно неодговорното работење на македонските државни и градски власти. Еве да го земеме како пример субвенционирањето на граѓаните за купување на печки на пелети. Многумина и купија такви печки, а денес поради цената на пелетите, греењето со тие печки стана луксуз. Тоа директно влијае на економсата состојба во едно семејство. Повторно, сведочевме и на субвенционирање на семејствата за набавка на инвертори, а за добивање на субвенција семејството требаше да отстапи печка на дрва или друг материјал. Нашата проценка беше дека оваа акција ќе биде исто толку неуспешна колку и претходно спроведената за финансиска поддршка на семејствата за купување на печки за пелети. Како ДЕМОКРАТИ, тврдевме дека без градење на сериозни капацитети за производство на електрична енергија, многу скоро ќе сведочиме на сериозна криза со снабдување со електрична енергија. Но, тогаш беше речено дека има лица кои работат на државна стратегија и дека постапуваат според неа. Исто така, нам ни беше забележано дека не ни се приоритет граѓаните, туку личниот интерес. Денес, кога купуваме пенална електрична енергија, за која трошиме пари од кредити, станува јасно дека ДЕМОКРАТИ биле во право. Имајќи ја предвид општата криза со електричната енергија, која сериозно ја погодува и Македонија, јасно е дека нејзината цена драстично ќе се зголеми. Доколку се соочиме со недостиг на електрична енергија, што би резутирал со рестрикции, овие семејства снавбдени со инвертори, ќе мора да бараат алтернативни начини за загревање на домовите во зимските месеци. А товарот на сите несоодветни потези на македонските градски или државни власти, повторно ќе го носат семејствата кои ги плаќаат кредитите и каматите на кредитите кои ги распоредуваат властите.
Македонски весник “Илинден“: Кога веќе говорите за поскапувањето на електричната енергија, како гледате на енормното зголемување на цената на метанот, која достигна 112 ден. за еден килограм?
Јорго Огненовски: Точно после новогодишните празници корисниците на метан како погонско гориво, добија непријатна честитка. Но, во одговорот на ова прашање, повторно ќе ја поврзам екологијата. Според сите светски наоди, метанот е еден од енергенсите кои најмалку ја загадуваат животната средина. Од причина што тоа е земјен гас и имаше прифатлива цена, бројни стопанственици процесот на производство го прилагодија на метан. Вложија сериозни средства за прилагодувањето на машините во халите, не помал број на транспортери своите возила ги прилагодија на метан, а од ден на ден растеше и бројот на корисниците на метан сред таксистите. Со зголемувањето на цената на метанот, јасно се покажува дека никој од властите во Македонија нема моќ да се справи со монополот МАКПЕТРОЛ.
Македонски весник “Илинден“: Дали ДЕМОКРАТИ имаат решение за еден ваков ценовен преседан?
Јорго Огненовски: Има две решенија кои ги нудат ДЕМОКРАТИ. Првото е цената на метанот и плинот да бидат ставени како регулирани како сите други реагенси чии доставувачи се монопол во државава, а второто, да се формира едно претпријатие кое ќе стопанисува со доводот на метан и Макпетрол да не биде единствен снабдувач на мазут во државава. Неодамна, на 17. Декември 2021 година, согласно проценките на ДЕМОКРАТИ се обративме до македонската Влада и до јавноста, со напомена Владата итно да ги замрзне цените на енергенсите доколку сака да ги спаси граѓаните на Македонија од ценовен шок. Побаравме и одмрзнување на цените на сите други стоки за широка потрошувачка, имајќи предвид дека за зголемување на цените на стоките за широка потрошувачка, огромно влијание имаат цените на енергенсите. ДЕМОКРАТИ сметаат дека е смешно да замрзнете цена на производ кој треба да се произведе со многу повисока цена на електричната енергија отколку во времето на замрзнувањето на цената на истиот. И ако тој производ сега треба да се транспортира со возило кое користи метан кој чини 112 ден. За килограм, тогаш јасно е дека Владата прави сѐ за уништување на целокупното македонско стопанство. Ваквата наша проценка беше омаловажувана од сите оние кои, на овој или онај начин, се обидуваат да го потценат капацитетот на ДЕМОКРАТИ. Но, испадна дека горчлива е и краткотрајна среќата на оние кои се усреќуваат со омаловажување на туѓите квалитети. Ценам дека македонските граѓани сѐ уште наивно мислат дека од ваквиот ценовен скок на метанот, најсилен удар ќе им се нанесе на превозниците на стоки за широка потрошувачка, на таксистите, на јавните сообраќајни претпријатија т.е. на сите учесници во сообраќајот кои користат метан како гориво. Но, тоа е далеку од вистината. Имаме бројни стопански објекти кои својот производствен процес го приспособија на потребите за користење на еколошкото гориво, метан. Доколку се знае дека ТЕ-ТО работи на метан, има неколку прашања. Прво, дали и ТЕ-ТО ќе биде казнет со енормното зголемување на основниот енергенс за негова работа и второ, која би била цената на електричната енергија која народот на Македонија треба да ја плати на ТЕ-ТО? Истовремено, како новогодишна честитка, на граѓаните на Македонија ќе им бидат доставени повисоки сметки за потрошена електрична енергија, благодарение на лошата кадровска и катастрофалната енергетска политика на македонските владеачи во последниве 30 години.
Македонски весник “Илинден“: Најнова информација во првите дни на 2022 година беше дека во неколку Министерства ќе се отворат нови работни места со што уште повеќе македонската администрација ќе се зголеми на товат на стопанството во Македонија. Што мислите за овој процес на постојано зголемување на бројот на административци?
Јорго Огненовски: Би рекол дека економска логика во ваквите непродуктивни вработувања, нема. Дури има голема нелогичност. Се отвораат работни места за неработници. И досега бевме сведоци дека администрацијата е трома, апсолутно неуспешна и максимално штетна во бројот кој никој точно не го знае. Лично мислам дека најновите непотребни вработувања им се потребни само на коалиционите партнери СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ, партнери во уништувањето на македонската држава. Како, економист кој долги години работел во сегментот на човечки ресурси, сметам дека коалицијата СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ сериозно е загрижена за сѐ погласното негодување на народот на нивното владеење, па спасот го гледаат во тоа да вдомат во администрација уште неколку стотици нивни полтрони кои би гласале за нив. Ценејќи ја потребата од промена на Изборниот законик, која многу гласно се бара и од народот, на манипулаторите и долгогодишните фалсификатори на изборните резултати не им останува ништо друго туку да вдомуваат свои лепачи на плакати на дравни јасли. Вториот момент, кој јас го ценам за можност, е дека со овие вработувања повторно ќе се манипулира во момент кога ќе мора да се направат сериозни отпуштања на вработени во администрацијата. Имено, ако треба да се отпуштаат вработени, тоа би одело по познатата шема на последни вработени, први отпуштени. Секако, со дебел надоместок. Независно дали плати или отпремнина, за нив кредити и камати ќе плаќаме сите, особено за оние кои живеат во странство, а секојдневно „се на работа“ во некое Министерство.
Македонски весник “Илинден“: Македонската јавност, а особено Македонците во Албанија, сигурно ќе ги интересира вашиот став во однос на бугарската пропаганда во местата населени со Македонци со цел тие да се прикажат како Бугари.
Јорго Огненовски: Неколку пати имам зборувано за овој проблем. Јас го гледам како проблем бидејќи во многу наврати Македонците во Албанија јасно и гласно им кажаа на бугарските пропагандисти и пропагатори дека не се пожелни во нивните места, но настојчивите Бугари тоа не го слушаат. Нивниот метод на досадно повторување на лагата додека таа не стане вистина е во целост конзистентна со фашистичкиот пристап на Гебелс. Затоа и не треба да изненадува нивната глувост на вистината која им се фрла во очи. Она што е најлошо за Македонците во Албанија е што меѓу нив се наоѓаат бугарски јаничари, кои за пари или привилегии им слугуваат на Бугарите во одродувањето на македонскиот корен. Мене, особено ме загрижува глувоста на градоначалникот на Општина Пустец на безочната настојчивост на бугарската пропаганда во селата на Општина Пустец. Дополнително, сметам дека за одреден интерес кај Македонците за бугарски документи, вина има и апатијата која ја покажува македонската Амбасада во Тирана со децении. Дури и сега, не гледам дека македонскиот амбасадор или директорот на Културниот центар во Тирана, пројавија некаква поддршка и заштита за македонското население кое негодуваше на делењето на новогодишни и коледарски пакети на македонските деца во Голо Брдо и во Преспа, од страна на бугарските пропагандисти. Ние, како ДЕМОКРАТИ во неколку наврати пишуваме и реагираме на ваквата активност на бугарските протагонисти, во секоја прилика сме сред Македонците во Албанија и имаме активна комуникација со претставници на македонската политичка партија МАЕИ, како и со претставници на македонските здруженија во Албанија.
Македонски весник “Илинден“: За крај ви ја честитам Новата 2022 година. Денес е Бадник, утре е Божик. Што вам лично ви значат овие празници?
Јорго Огненовски: Благодарам. Нека нѝ е среќна Новата година. Мене вербата дека Македонија може да живее нормален живот не ме напушта, а работата за тоа да се оствари ме движи напред. Денешниот Бадник ме враќа во детството, кога низ битолските улици, од куќа на куќа како бадникари, го најавувавме Христовото раѓање. Божик е најголемиот верски празник за нас, православните христијани и како таков секоја година го празнувам во кругот на моите најблиски.
Ја користам оваа прилика на сите православни христијани да им го честитам денешниот Бадник, со желба во секој дом да се собере семејството на Божикен ручек и да ја продолжиме традицијата на славење на раѓањето на Исус Христос.
За многу години.