Бронзен медал за Мила Ивановска на Меѓународната олимпијада по природни науки во Холандија

Мила Ивановска  ученичка во прва година во гимназијата Јосип Броз Тито освои бронза на Меѓународната олимпијада по природни науки  што се одржува во Холандија. Таа е единствена од шесте натпреварувачи од Македонија која ги помина тестовите по физика, хемија и биологија. Со бронзен медал на Меѓународната  јуниорска олимпијада за деца до 16 години IJSO-2017  Холандија, се закити нашата битолчанка  Мила Ивановска (14) , ученичка во прва година во гимназијата „Јосип Броз Тито“-Битола, објавува порталот Апла. Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки годинава започна на 3 декември  и трае се до утре во градовите  Арнхем и Најмеген, Холандија.

Ивановска е единствената од шесте натпреварувачи од Македонија кои настапија во два тима по тројца натпреварувачи  (двајца ученици од Битола и по еден од Скопје, Охрид, Прилеп и Гевгелија), која успеа да освои трето место и бронзен медал на натпреварот по физика, хемија и биологија одговарајќи три дена на прашања и задачи, а еден ден бил посветен на експерименти.

Ивановска и вториот натпреварувач од Битола, Леонид Сајков за натпреварот беа подготвувани од професори од Гимназијата во Битола како и професори од Институтот за физика, биологија и хемија  при Природно – математичкиот факултет во Скопје. Шесте ученици победија на Првата македонска олимпијада по природни науки, која се одржа кон крајот на август на ПМФ, а ја организираа Друштвото на физичарите на Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД). Околу патните трошоци за нашите натпреварувачи се погрижи и Агенцијата за спорт и млади. Инаку Ивановска и до година може да учествува на истиот натпревар кој ќе се одржи во Боцвана, Јужна Африка,  објавува  Апла.мк.