Честитка од Македонско друштво „Илинден“-Тирана по повод 1000 години Бигорски

Македонското друштво „Илинден“-Тирана упати честитка до г. Партениј, епископ Антаниски и игумен на Бигорскиот манастир, до Свештената бигорска обител и до сите православни верници, по повод големиот јубилеј 1000 години од основањето на манастирот.

Во мое лично име и во име на македонското друштво „Илинден”-Тирана и на сте Македонци во Албанија дозволите да го честитам 1000- годиншниот јубилеј од основањето на Бигорскиот манастир „Св Јован Крстител”. Овој 1000-годишен македонски духовен дом на многу генерации православни верници ни останал како завештание од основачот, поглаварот Охридски Јован Дебранин и со вековното постоење стана нераскинлив дел на секој православен Македонец, стои во честитката потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.

Се додава дека ова наследено завештание, ние треба да го сочуваме и да го оставиме на следните македонски генерации.

Во оваа пригода, вам ви посакуваме многу здравје, успеси, во продолжувањето на македонската традиција и македонската духовност. Посакуваме, македонските православни граѓани да се поучуваат од вашите богоугодни дела во насока на зачувување и унапредување на македонскиот духовен бисер, Бигорскиот манастир. Честа и достоинственоста да ве следат и постојано да сте на браникот на заштитата на македонската православна вера. Ви испраќаме изрази на наше длабоко почитување и благодарност за досегашниот ваш влог во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и нејзините македонски верници,се наведува во честитката.

Друштвото има воспоставено добра соработка со Бигорскиот манастир и со г.Партениј, со чиј благослов во неколку наврати помогнати се црквите во деловите каде што живеат Македонци. За искажаната грижа друштвото на г. Партениј му ја додели почесната награда „Илинден”, која за првпат беше воведена по повод десет годишнината од формирањето.

Advertisement