Честитка за Денот на независноста до претседателот Пендаровски од албанскиот колега Мета

Честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, до претседателот Стево Пендаровски упати неговиот албански колега Илир Мета.

По повод Денот на независноста на Република Македонија, дозволете ми, во мое и во име на албанскиот народ, да ви ги пренесам најтоплите и најискрените честитки до Вас и до сите граѓани на вашата пријателска земја. Задоволство ми е високо да го оценам напредокот на многу добрите односи и соработката меѓу нашите земји, која се базира на заедничките визии, интереси и заедничката билатерална, регионална, глобална, европска и евроатлантска перспектива, стои во честитката на Мета.

Тој оценува дека пријателството и соработката помеѓу Албанија и Македонија се протега во сите области и е „во  служба на многу добрите соседски односи меѓу двете земји, интересите и иднината на нашите граѓани“.

Мета во честитката изразува целосно убедување дека многу големо влијание во зајакнувањето на соработката меѓу две земји одиграло и одигрува „ адресирањето и континуираното подобрување на меѓуетничките односи меѓу Албанците и Македонците“.

Македонската заедница во Албанија и Албанците од Македонија, кои секогаш биле поддржувачи на државотворноста  и интеграцијата на Македонија во НАТО и Европската унија, се здрави мостови на пријателство и неотуѓиви вредности што мора да се зачуваат, поддржат и промовираат со сета наша позитивна енергија, посочува Мета.

Албанскиот претседател на крајот искажува искрени желби за развој и напредок на пријателска Македонија.

Со искрени и најдобри желби до вас, како и понатамошниот развој и напредок на Македонија, ве замолувам, прифатете го, господине Претседател, изразот на моето највисоко почитување, наведува албанскиот претседател Илир Мета во честитката до македонскиот колега Пендаровски,по повод Денот на независноста.

Advertisement