Делегација на Венецијанската комисија во посета на Албанија

 

Во Тирана денеска ќе допатува делегација на Венецијанската комисија со цел да се запознае со предлогот за покренување за процес на проверка на потеклото на имотот на политичарите и за нивна евентуална вмешаност во криминални активности. Шестчлената делегација, која ќе ја предводи почесната претседателка на комисијата Хана Сухоцка, ќе има средби со политички претставници во земјата. Спроведувањето процес за проверка на потеклото на имотот на политичарите го предлага опозициската Демократска партија, со цел, како што тврди, „да се декриминализира политиката и да се оттргне од врските со криминалот“.

Делегацијата на Венецијанската комисија доаѓа во Тирана на иницијатива на претседателот на албанскиот Парламент, Грамоз Руци, кој побара детално мислење околу предлогот на опозицијата и какво влијание ќе има тоа врз работата на антикорупциската комисија и на Националното биро за истраги. Спроведувањето на проверката на потеклото на имотот на политичарите и нивна евентуална поврзаност со криминал, Демократската партија го условува со враќање на опозицијата во Парламентот, чија работа подолг перод ја бојкотира, како и за нејзино учество на локалните избори во јуни следната година.

Во Албанија ваков процес е во тек за судиите, обвинителите и полициските службеници. Поради неминување низ овој процес на дел од нивните челнови, веќе подолг период не функционираат Уставниот и Врховниот суд на Албанија, а испразнети останаа и повеќе места на обвинители и судии.

 

Advertisement