Демократи го поздравуваат извештајот на Советот на Европа за Македонците во Бугарија

ДЕМОКРАТИ го поздравуваат извештајот во врска со односот на Бугарија кон македонското малцинство во таа држава, изготвен од известувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) Франк Швабе и Золт Немет, како и на Комисијата за следење на обврските на земјите членки.

Почитувани граѓани,

Политичката партија ДЕМОКРАТИ со голем интерес ја следи работата на известувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) Франк Швабе и Золт Немет и на Комисијата за следење на обврските на земјите членки. Овие известувачи, при престојот во Бугарија, изразија загриженост поради непочитувањето на правата и говорот на омраза на кое е изложено непризнатото македонското малцинство во Бугарија. Имено, во претходниот извештај за Бугарија, бугарските власти беа повикани систематски и безусловно да го осудат говорот на омраза против малцинствата, да ги зајакнат мерките за промовирање на толеранцијата и меѓусебното почитување и да ги охрабруваат одговорните политичари да прифатат примерно однесување, нешто на што нималку не е работено. Напротив. За време на посетата на Бугарија, Франк Швабе и Золт Немет се сретнале со претставници на граѓанското општество кои работат на малцинските прашања, вклучувајќи ги и претставниците на Македонците, а во нивниот извештај наведуваат неколку причини за загриженост кои им биле пренесени од претставниците на малцинството.

„Македонското малцинство не е признаето како такво од бугарските власти поради строгата примена на формалните критериуми, иако оваа група на повеќе пати ја изрази својата желба да ги има поволностите од заштитата со Рамковната конвенција за заштита на малцинствата“, стои во извештајот. Тоа за известувачите претставува „извор на загриженост за македонското малцинство. Поради овие причини македонско малцинство нема претставник во Советот за малцинствата. Македонците немаат програма за етничките заедници и не добиваат државна помош за зачувување и развој на нивната култура и идентитет. Ниту македонски јазик, ниту историја не се учи во училиштата. Не е регистрирана ниту една македонска организација. Нашите соговорници сметаат дека припадниците на нивната заедница се дискриминирани.“, нагласуваат Франк Швабе и Золт Немет. Македонците во Бугарија не постојат ни во статистичките бројки од пописот од 2011, односно тие се меѓу 49 000 лица кои се изјасниле како „други” ( Македонци, Руси, Ерменци, Власи, Грци, Украинци и Евреи).

„На поопшто ниво, нашите соговорници ни кажуваа дека говорот на омраза со расистички и нетолерантен карактер сè уште претставува голема загриженост во Бугарија. Главните цели на овој говор на омраза се Ромите, Евреите, Турците и Македонците.“, велат известувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Франк Швабе и Золт Немет.

Политичкта партија ДЕМОКРАТИ ја поздравува професионалноста на известувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) Франк Швабе и Золт Немет и на Комисијата за следење на обврските на земјите членки. Воедно, жалиме за непостапувањето на Бугарија по претходните извештаи за нејзиното постојано кршење на основните човекови права кон македонското национално малцинство кое живее на нејзината територија.

Политичката партија ДЕМОКРАТИ смета дека европските политички институции треба да воведат ригорозни казни за државите кои ги рушат основните европски принципи за слободно изјаснување на секој поединец во секоја држава. Со тоа ќе покаже дека секоја држава треба да има капацитет за европска демократија на дело, а не само декларативно. Воедно, политичката партија ДЕМОКРАТИ смета дека македонската Влада е должна да застане зад македонското население во Бугарија. Во информациите кои ни доаѓаат од Македонците од Пиринска Македонија стојат забелешките на европските известувачи според кои : „ …Загрижува и односот кон македонското малцинство, кое не е признато од бугарските власти поради строгата примена на формалните критериуми, иако оваа група постојано ја изразува потребата од заштита според Рамковната конвенција. … Македонците не се вклучени во програмите што се однесуваат на етничките заедници и не добиваат каква било помош од државата за зачувување и развој на нивната култура и идентитет. Во училиштата не се изучува македонскиот јазик или историја. …”.

Политичката партија ДЕМОКРАТИ ги поддржува барањата на Македонците од Бугарија кои бараат реакција од македонската Влада. Воедно, ДЕМОКРАТИ се придружуваат кон прашањата на Македонците од Бугарија до македонската Влада: Дали однесувањето на Бугарија е во духот на добрососедските односи? Дали политиката на Бугарија спрема македонското малцинство е во согласност со европските и меѓународните стандарди за заштита на човековите и малцинските права?Дали македонската Влада има намера да го разгледа и да изгради свој став за игнорантскиот однос на бугарската држава кон македонското малцинство кое живее во Бугарија? – стои во соопштението на ДЕМОКРАТИ.