Директни летови Охрид-Талин од јуни 2018 година

Естонскиот авиопревозник „Нордика“ ќе почне да лета на авиолинијата Талин – Охрид – Талин, почнувајќи од летната сезона во 2018 година, најави ТАВ Македонија. „Среќни сме што најавуваме уште една нова дестинација од охридскиот аеродром Св. Апостол Павле до Талин, со која ќе оперира естонскиот авиопревозник ‘Нордика’ од 1 јуни следната година. Со сезонските летови на линијата Талин – Охрид – Талин, ‘Нордика’ еднаш неделно, секој петок, почнувајќи од 1 јуни сѐ до 15 септември, ќе носи туристи од Естонија на Охридското Езеро.

Очекуваме дека со овие летови во текот на следното лето над 2.500 патници од Естонија ќе слетаат на охридскиот аеродром. Со отворањето на директната авиолинија до Талин, всушност отвораме еден сосема нов пазар за патници на охридскиот аеродром – Естонија, и навистина сме среќни поради тоа бидејќи ќе значи бенефит не само за аеродромот туку и за целата туристичка заедница“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Според најавите на авиопревозникот, летот од Охрид до Талин ќе трае три часа. Билетите се пуштени во продажба од денеска со цени кои почнуваат од 99,90 евра. Талин ќе биде петтата нова дестинација до која ТАВ воведе чартер-лет од охридскиот аеродром во изминатите две години поврзувајќи го Охрид како најпозната туристичка дестинација со Естонија, која ќе стане сосема нов дојдовен пазар за Охрид, и за нови патници на охридскиот аеродром, но и за нови туристи на Охридското Езеро.

Advertisement