Државниот секретар на МНР на Македонија, Зоран Попов на состанокот Јадранската Повелба во Тирана

На 13 декември 2019 година, во Тирана се одржа состанок на Партнерската комисија на САД-Јадранската Повелба, на ниво на министри за надворешни работи на земјите членки и набљудувачи на Повелбата. Со состанокот претседаваше в.д. министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Гент Цакај.

Во оваа прилика, претставниците на земјите членки на САД-Јадранската Повелба имаа можност заеднички да го разгледаат напредокот на соработката во рамки на САД – Јадранската Повелба и рамката на идни активности во овој формат, со цел натамошен придонес кон безбедноста и стабилноста на Регионот.

Во своето излагање на состанокот, државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Македонија, Зоран Попов ја истакна важноста на САД-Јадранската повелба, како значајна Платформа за унапредување на регионалната соработка и поддршка за земјите на патот кон евро-атлантските интеграции. Државниот секретар ја нагласи потребата за засилување на заедничкиот, регионален придонес за зачувување на безбедноста и стабилноста во евроатлантскиот простор.

Државниот секретар Попов во оваа прилика ја реафирмира подготвеноста на Македонија, како идна земја членка на НАТО Алијансата да дејствува како стабилизирачки фактор во Регионот преку промовирање на Евроатлантските вредности, како и поддршка на другите членки на Повелбата во остварување на нивните евроатлантски аспирации.

На состанокот, од страна на учесниците беше поздравена динамиката на ратификација на Пристапниот протокол на Македонија и изразено очекување веќе следната година нашата земја да стане полноправен член на НАТО, со што дополнително ќе се зајакне безбедноста и стабилноста на целиот Регион. Државниот секретар Попов имаше прилика да реализира и повеќе билатерални средби со учесниците на состанокот.