Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски, на министерската Конференција на Меѓународната организација на Франкофонијата

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски, учествува на министерската Конференција на Меѓународната организација на Франкофонијата која на 8 и 9 Октомври 2018 година се одржува во Ереван, Ерменија. Во своето денешно обраќање, државниот секретар Димовски ја реафирмираше улогата на Република Македонија како активен член на оваа организација која е посветена на надминување на политичките и економските предизвици со кои се соочува современиот свет.

„Ја нагласуваме нашата цврста определба да продолжиме да придонесуваме за зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста кои се промовирани од организацијата на франкофонијата, паралелно со нашиот ангажман за промовирање на меѓународен поредок заснован на целите и принципите на Повелбата на ООН, меѓународното право, суверенитетот и територијалниот интегритет на државите. Како дел од франкофонското семејство, континуирано ги афирмираме вредностите на македонското општество – демократијата, мултиетничноста, толеранцијата и солидарноста” – рече Димовски.

На маргините на Конференцијата, државниот секретар Виктор Димовски оствари билатерални средби со шефовите на делегациите на Франција, Швајцарија, Грција и Романија.

Advertisement