Покрај Стојковиќ кој е ученик од СУГС “Раде Јовчевски Корчагин” и Дамчевски од ПСУ “Јахја Кемал” од Струга, во тимот кој беше поддржан од страна на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР)  беа и Руфија Идризовска од ПСУ „Јахја Ќемал”, Гостивар и Александар Трајковски, од СОУ „Крсте П. Мисирков”, Демир Хисар.

Годинава, на 51-та Меѓународна олимпијада по хемија, што се одржа на крајот на јули, учествуваа 309 ученици од 80 држави од целиот свет, како и 160 ментори, 109 набљудувачи и гости и 273 члена од организацијата.

Кумулативно, резултатите што ги покажа нашиот тим, беа подобри од многу западноевропски земји што се познати по добро развиениот систем на образование, и тоа: Финска, Норвешка, Швајцарија, Холандија, Ирска, Исланд и други земји, велат од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, а соопштуваат од Фондот за иновации и технолошки развој.

Натпреварот по хемија IChO  е единствениот што влегува во групата на 12-те сеопшто признати меѓународни научни олимпијади, односно натпревари на знаење, а Меѓународната олимпијада по хемија е класифицирана и во 13-те признати олимпијади од страна на Министерството за наука и образование на Македонија.

Поддршката на ФИТР, како што стои во соопштението, е дел од Програмата за поддршка и развој на таленти што Фондот ја развива во соработка со УНИЦЕФ. Тим од професори, претставници на академската фела и ФИТР веќе неколку месеци работат на изготвување концепт што треба да биде претставен наскоро, со кој ќе се предложи системско решение кое ќе вклучува инструменти за поддршка на талентираните деца и координирани активности како и иницијативи на сите релевантни институции.

Оваа иницијатива е произлезена од бројните барања за поддршка на ученици од страна на ФИТР, како и од програмата за поддршка на млади истражувачи што првпат беше објавена во ноември 2017 година. ФИТР, наведуваат во соопштението, само во изминатата година има инвестирано близу 10 милиони денари во реализација на програми наменети за млади и деца од различни возрасти, со цел поттикнување на нивната критичка мисла и иновативност.