Е-конзулат за побрза и поефикасна услуга за Македонците во странство

Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои Информацијата за проектот за дигитализација на конзуларните услуги во Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.

Дигитализацијата на конзуларните услуги во странство (Е-конзулат), се појаснува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста, се наметнало како неопходна потреба заради модернизирање на работата на ДКП-ата, а со крајна цел овозможување брзи, ефикасни и економски исплатливи услуги на нашите граѓани во странство, што особено дојде до израз за време на кризата предизвикана од КОВИД-19.

Е-конзулат предвидува дигитализaција на конзуларните услуги кои се даваат во Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија, почнувајќи од постапката за аплицирање, он-лајн плаќање, како и добивање на документите лично или по пошта. Со оваа платформа на македонските државјани кои живеат во странство ќе им се овозможи да дојдат до конзуларни услуги на полесен начин и за пократок временски период, стои во соопштението од Секторот за односи со јавноста на Владата на Република Македонија.

Advertisement