Единствена горанска партија започнува со кампања за парламентарните избори во Косово

Изборната кампања за предвремените парламентарни избори во Косово, кои ќе се одржат на 6 октомври, започнува денеска и ќе трае десет дена, до 4 октомври на полноќ. На годинешните, седми по ред парламентарни избори од прогласувањето на независноста на Косово, учествуваат 25 политички субјекти верификувани од Централната изборна комисија (ЦИК).

Со своја кандидатска листа ќе учествува и партијата на Македонците од Гора „Единствена горанска партија“. На кандидатската листа на нашата партија се наоѓаат 13 кандидати од разни делови на областa Гора. На листата се вредни луѓе, кои се залагаат за подобрување на положбата на Македонска горанската заедница, во Косово зачувување и активно промовирање на нашите културни вредности, обичаи и традиции, како и формирање општина Гора во согласност со Уставот и законите на Косово, вели претседателот на партијата и носител на листата, Адем Хоџа, дипломиран инжињер.

Меѓу тринаесетте кандидати се и три жени. На изборното ливче партијата е на 123 место. Хоџа упати апел до сите учесници на изборите, изборниот процес да се спроведе во согласност со меѓународните стандради, да биде фер и коректен. Реториката и активностите во изборната кампања треба да минат во мирна атмосфера и толеранција, за изборните резултати да бидат израз на желбата на народот. Нашата порака за овие избори е: Гора мора да победи, посочува Хоџа. Во областа Гора  распослани се 9 села, населени со Македонци со муслиманска вероисповед познати под името Горанци, кои говорат македонски јазик.

Право на глас, според конечниот список на гласачи што го објави ЦИК, имаат 1.937.868 лица, што е за околу 65 илјади лица повеќе во споредба со последниот изборен процес во земјата – локалните избори од 22 октомври 2017 година.