Ексклузивно интервју за Mакедонски весник “Илинден“: Фатри Фетаху, претседател на Македонското друштво “Илинден”- Огранок Голо Брдо

Македонски весник “Илинден“: Господине Фатри Фетаху, неодамна бевте  именуван за претседател на Македонското друштво “Илинден” за огранокот во Голо Брдо. Со оглед на фактот што сега ја претставувате бројната македонска заедница во областа Голо брдо, сметаме за потребно за нашите читатели да кажете збор-два за себе.

Фатри Фетаху: Јас сум роден во с.Требиште, областа Голо Брдо во Република Албанија. Своето основно образование во оформив,  исто така, во родното село, каде што сум со постојано живеалиште. Но, моето средно и високо образование го стекнав во нашата матична земја Република Македонија, како владин стипендист. Член сум на Македонското друштво “Илинден”- Огранок Голо Брдо од 2015 година, од кога активно учествувам во сите настани на македонското национално малцинство во областа Голо Брдо. Од 2019 до сега бев потпретседател на огранок. Во исто време, бев дописник на македонскиот весник “Илинден“ за случувањата во секојдневниот живот во областа Голо Брдо. За мојата ангажираност, во 2016 година, ја имав честа да ми биде доделено многу посакуваното признание „Благодарница “Илинден“.

Македонски весник “Илинден”: Како ја оценувате положбата на Македонците во областа Голо Брдо?

Фатри Фетаху: Можам да кажам дека,во послениве години, има мал напредок на состојбите во Голо Брдо, во прв ред поради ангажираноста на населението во соработка со регионалните власти.  Но, за да се развие целосно оваа област, исто како и сите други региони во Република Албанија, мора да се прават уште многу работи посебно во делот на инфраструктурата. Имајќи го предвид исклучителниот географски и историски капацитет на областа Голо Брдо, сметам дека населението може да биде успешно во развој на  туризмот, со што многу ќе се подобри економската состојба на секое семејство. Секако, решавањето на инфраструктурните проблеми би значело и поголем ангажман на населението во земјоделието, бидејќи полесниот пласман на земјоделските производи низ албанската и македонската држава е приоритет за зголемено ангажирање на населението во земјоделието. Со поинтензивна соработка со сите државни фактори, сметам дека можеме да го постигнемесето ова.

Македонски весник “Илинден”: Македонското друштво “Илинден”- Тирана и Македонското друштво “Илинден”- Огранок Голо Брдо беа најгласни против новата административно-територијална поделба што се спроведе во 2014 година. Тогаш беа укинати општините во Голо Брдо. Дали од денешна перспектива сеуште мислите дека е грешка што Голо Брдо останаа без самостојни општини?

Фатри Фетаху: Да сеуште мислам дека тоа е грешка која што за жал ја опфати и нашата област и која во многу насоки негативно влијае врз развојот и просперитетот на областа Голо Брдо. Ако се има предвид дека оваа област опфаќа 22 села, со новата поделба се направи неоправдата грешка што сите тие сега се поделени на административни единици. На тој начин сега, за основни потреби жителите треба да патуваат во различни правци, далеку од своите домови. Тоа создава голем финансиски издаток за сите нас, а нашиот ангажман за враќање на општинската, локална управа во Голо Брдо ќе биде уште поактивен од досега.

Македонски весникот “Илинден”: Како нов претседател на Македонското друштво “Илинден”- Огранок Голо Брдо, кои се вашите идни планови во однос на заштита на интересите на Македонците во областа Голо Брдо?

Фатри Фетаху: Потреба од ангажирање и планирање секогаш имало и ќе има. Пред сè, мојата работа ќе биде насочена кон исполнување на барањата на жителите од сите 22 села во Голо Брдо. Секако, ќе продолжиме да го остваруваме зацртаниот пат кој го одевме и досега во зачувување на македонската традиција, бидеме активни секаде каде ќе биде побарана нашата помош и ќе излеземе во престрет на жителите во решавање на егзистенцијални и општи проблеми. Како и нашите предци, така и ние во современиве години се грижиме за негување и зачување на нашиот јазик, историја и култура. А за да се реализира тоа, веруваме во помош и од матичната македонска држава.

Македонски весникот “Илинден”: Кога ја спомнавте потребата од помошта од македонската држава, дали до сега има некои поголеми акции од страна на македонските власти во решавање на некои потреби на македонското население во Голо Брдо?

Фатри Фетаху: Има одредени активности кои ги преземаат македонските власти, а соработуваме и со македонскиот амбасадор во Република Албанија, г-дин Марковски. Ние активно ги следиме случувањата сред Македонците во Преспа и сметаме дека истиот ангажман на македонските институции го заслужува и македонското население во Голо Брдо. Еве, на пример, пред извесно време во Пустец беше делегација од Институтот за македонцки јазик која одржа предавања во чест на Блаже Конески. Кај нас воопшто не се јавија, ниту изразија заинтересираност за македонските жители во областа Голо Брдо. Јас сметам дека и ние го заслужуваме истиот третман од македонските власти како и Македонците од општина Пустец, независно од тоа што албанската држава само таму го признава македонското малцинство како такво. Но, ние со постојан притисок врз албанската влада ќе се обидеме да си го вратиме статусот кој сме го имале од времето на енверизмот кога во Голо Брдо имало и основни и средни училишта на македонски јазик. Сметам дека таквата наша желба и намера треба да ги поддржи и македонската Влада.

Македонски весникот “Илинден”: Вашата порака како преседател на Македонско друштвото “Илинден”- Огранок Голо Брдо до Македонците во областа Голо Брдо?

Фатри Фетаху: Тоа се жители со достоинство и горди се што се Македонци со векови. Во последно време забележуваме намера на странски држави да се обидуваат да ги одродат од македонскиот корен, нудејќи многу поволности за нивните фамилии. Мојата порака е да не дозволиме никој да нè понижи сите нас, сите вас и да го згази вашето достоинство. Ние заедно сме поминале и полоши времиња, а сепак сме успеале да опстанеме и да да не си го згазиме коренот од кој потекнуваме, да се избориме и да дочекаме подобри времиња заедно.

Македонски вестник “Илинден”: г-дин Фатри Фетаху, Ви благодарам за интервјуто, Ви посакувам лични и професионални успеси.

Фатри Фетаху: И јас се заблагодарувам за можноста да им се обратам на овој начин на сите Македонци ширум светот, на сите им посакувам многу успех и здравје !

 

Македонски весник “Илинден“

Главен и одговорен уредник: Никола Ѓурѓај

Advertisement