Експлозии во Манчестер, најмалку 19 загинати (ВИДЕО)

За време на концертот на пејачката Аријана Гранде во Манчестер, вечерва одекнале две експлозии по што на самото место се упатиле итните служби. Сведоци изјавија дека се слушнале две силни експлозии. Причината за експлозиите останува непозната, но полицијата инцидентот го третира како можен терористички напад.

Полицијата потврди дека загинале најмалку 19 лица, а дека уште 50 се повредени. На лице место, покрај бројните возила на полицијата и брзата помош, пристигнала и полициска екипа за детонирање експлозивни направи со кучиња-трагачи, јавува Гардијан. Повеќе очевидци изјавија за експлозиите кои се слушнале во манчестерската Арена по завршувањето на концертот, по што настанал хаос и луѓето почнале да бегаат.

„Сите вриштеа и бегаа, на подот имаше јакни и мобилни телефони, луѓето фрлаа се. Имаше многу возила на брза помош, видов како му помагаат на некого, но не видов што точно се случило“, изјави 22-годишниот Роберт Темпкин за Би-би-си. Полицијата ги предупреди граѓаните да го избегнуваат местото на инцидентот.