ЕУ и САД ја повикаа Албанија да продолжи да ги проверува судиите и обвинителите

Делегацијата на ЕУ и амбасадата на САД во Тирана, објавија заедничка изјава со која побараа од народните избраници во албанскиот парламент да го изгласаат продолжувањето на процесот на проверка во правосудството, познат како ветинг.

Два дена пред парламентот да гласа за уставниот амандман, со кој се овозможува продолжување на институциите за проверка, амбасадите на САД и ЕУ со порака дека тоа е „прашање од национален интерес“.

Во соопштението на двете дипломатски седишта се наведува дека Албанија во последните години постигна значителен напредок во реформите за членство во Европската унија.

Меѓу најтешките, но суштински чекори беше одобрувањето и спроведувањето на реформите во правосудството. Се наоѓаме во важен момент бидејќи реформите во правосудството даваат резултати, стои во изјавата на евроамбасадорот Луиџи Сореца и амбасадорката Јури Ким.

Оценуваат дека проверката на судиите и обвинителите е суштински елемент на реформите во правосудството.

„За да им се овозможи на институциите за проверка да ја извршуваат својата мисија, неопходно е да се измени Уставот за да се продолжи нивниот мандат на ограничен период. Венецијанската комисија потврди дека продолжување е во согласност со европските стандарди и е неопходно за да се гарантира еднаквост пред законот и правна сигурност“, се наведува понатаму.

Амбасадорите додаваат дека предложеното продолжување на проверката е силно поддржано од пријателите на Албанија кои сакаат што поскоро да ја видат земјата во ЕУ.

„Ова не е партиско прашање, се надеваме дека сите пратеници, без разлика на партиската припадност, го гледаат ова како прашање од национален интерес и ќе гласаат во согласност со тоа, бидејќи секогаш го поддржувале европскиот пат на Албанија. Гласот за продолжување на ветингот е глас за иднината на Албанија во Европската Унија, стои на крајот од изјавата на амбасадорите.

Амандманот за измени во Уставот, што е на дневен ред на пленарна седница в четврток, го предлага владејачкото мнозинство, додека опозицијата бара дополнително ветинг и во политиката, кој како што изјави лидерот на демократите Љуљзим Баша, може да почне од него.

Advertisement