
Европската Унија воведува нова дигитална услуга, „Travel to Europe“, која би можела значително да им го олесни преминувањето на границите на патниците во рамките на новиот систем EES.
Границите кон Европа повеќе не се исти – пасошите повеќе не се печатат, туку секој влез и излез се дигитално евидентира, со задолжително фотографирање и земање отпечатоци од прсти. Новиот систем EES е целосно воведен на надворешните граници на Европската Унија од април и важи и за граѓаните на Македонија. Сепак, наместо да ги забрза граничните премини, новиот систем создаде метеж.
Поради оваа причина, Европската Унија воведува нова дигитална услуга што би можела значително да го олесни преминувањето на границите за патниците. Апликацијата „Travel to Europe“, достапна за преземање преку платформите Google Play и Apple Store, има за цел да ги намали застојот и да ги забрза процедурите на граничните премини.
Проблемот е што во моментов работи само во две земји – Шведска и Португалија.
Патниците сега можат однапред да ги внесат своите податоци преку апликацијата, со цел да се забрза преминувањето на границата, и со нетрпение го очекуваат понатамошното проширување на системот, особено вклучувањето на Грција, која е една од најпосетуваните дестинации за туристи од Македонија и регионот.
Апликацијата им овозможува на корисниците однапред да ги достават своите податоци, вклучително и скенирање на нивните биометриски пасоши преку NFC технологијата, правење селфи за идентификација и одговарање на основни прашања за целта и времетраењето на нивното патување.
Откако ќе се обработат податоците, патникот добива баркод што му го покажува на службеникот на граничниот премин, што во теорија ја забрзува проверката. Сите податоци мора да се достават најмалку 72 часа пред патувањето.
Сепак, системот е сè уште во рана фаза на имплементација. Раните корисници пријавуваат технички потешкотии, додека на некои гранични премини сè уште им недостасува инфраструктура за таканаречени „брзи ленти“ за корисниците на апликацијата.
Официјалните информации за целосната имплементација на системот на поединечните гранични премини, сè уште не се потврдени.
Воведувањето на апликацијата доаѓа по предупредувањата дека новиот EES систем може да предизвика големи застои и одложувања, особено за време на туристичката сезона.
Дали „Travel to Europe“ навистина ќе ги забрза граничните премини или ќе стане дополнителен административен чекор, ќе се покаже во наредните месеци од имплементацијата на терен.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden