Европол: Во заедничка акција запленети 352 украдени возила

Во заедничка акција на европската полиција и со поддршка на Европол, запленети се 352 украдени возила на пат кон крајната дестинација.

„Уште 1.077 делови од украдени автомобили и десетици фалсификувани или изменети придружни документи беа запленети за време на Денот на заедничката акција, како што беше наречена операцијата“, соопшти Европол.

Во соопштението се наведува дека операцијата ја раководел Фронтекс, бидејќи планот вклучувал интензивни контроли на граничните премини на 17 земји-членки на ЕУ и пет балкански држави. Командниот центар на оваа операција беше поставен од Фронтекс во Варшава, каде што инспекторите од различни земји разменуваа оперативни податоци.

Во операцијата учествуваа: Албанија, Македонија, Австрија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Естонија, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Косово, Летонија, Литванија, Холандија, Црна Гора, Полска, Португалија, Романија, Словачка и Шпанија.