
Европската комисија ги започна преговорите со Албанија, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора за нивно вклучување во европскиот режим „Роаминг како дома“. Со тоа, на граѓаните кои патуваат меѓу Европската Унија и Западен Балкан би им било овозможено да користат мобилни повици, СМС-пораки и интернет без дополнителни трошоци за роаминг.
Од Европската комисија соопштија дека преговорите се започнати одделно со секоја од земјите, согласно планот што претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, го најави за време на посетата на Западен Балкан во октомври 2026 година.
За земјите од регионот да станат дел од европската зона на бесплатен роаминг, потребно е да се склучат соодветни договори и целосно да се усогласат националните прописи со правилата на ЕУ за роаминг. Тие правила го уредуваат начинот на кој телекомуникациските оператори ги наплатуваат услугите кога корисниците ги користат мобилните телефони во странство.
Откако ќе бидат исполнети овие услови, Европската комисија ќе побара од Советот на Европската Унија да донесе одлука за проширување на европскиот режим на роаминг и на земјите од Западен Балкан, се наведува во синоќа објавеното соопштение.
Доколку процесот биде успешно завршен, граѓаните на шесте земји од Западен Балкан ќе можат да ги користат мобилните услуги во земјите членки на ЕУ под исти услови како граѓаните на Унијата, а европските граѓани ќе имаат исти поволности при престојот во регионот.
Советот на ЕУ во јуни 2026 година го одобри отворањето преговори за проширување на европскиот систем за роаминг и на партнерите од Западен Балкан.
Евентуалните договори ќе се засноваат на постојните спогодби за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и земјите од регионот, кои претставуваат рамка за зајакнување на стабилноста, економската интеграција и соработката со Унијата.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden