Европскиот парламент денеска ја одобри регулативата за дигитален сертификат на ЕУ за COVID-19

Европскиот парламент денеска ја одобри регулативата за дигитален сертификат на ЕУ за COVID-19, што ќе овозможи безбедно и слободно патување во рамките на ЕУ. На овој начин ќе се рестартираат туризмот и економијата и ќе се држи вирусот под контрола.

Сертификатот ќе биде бесплатен, безбеден и достапен во дигитален и печатен формат. Сертификатот не само што ќе покаже дали лицето е вакцинирано, туку исто така ќе се користи како доказ дека лицето извршило негативен тест или се опоравило од COVID-19. Откако ќе биде одобрен од советот, регулативата ќе стапи на сила на 1 јули и ќе трае 12 месеци, со можност за продолжување, во зависност од состојбата на пандемијата.

Дигиталниот сертификат треба да го олесни слободното движење и да придонесе за постепено напуштање на ограничувањата на координиран начин меѓу членките на ЕУ. Сертификатот ќе се издава бесплатно од националните власти и ќе содржи QR код. Наведено е дека дигиталниот сертификат нема да биде предуслов за слободно движење и нема да се смета за патна исправа.

Дополнителни ограничувања за патување само доколку се оправдани

За време на меѓуинституционалните преговори, европратениците постигнаа договор дека земјите од ЕУ нема да можат да воведат дополнителни ограничувања за патување на носителите на дигитални сертификати како што се карантин, самоизолација или тестирање – „освен ако не се потребни и пропорционални за да се заштити јавното здравје“. Беше истакнато дека треба да се земат предвид научните докази, „вклучително и епидемиолошките податоци објавени од Европскиот центар за спречување и контрола на болести (ECDC)“, а за мерките треба да бидат известени останатите земји-членки и Комисијата, 48 часа однапред, доколку е можно. Јавноста треба да биде известена 24 часа однапред.

Пристапно и достапно тестирање

Земјите од ЕУ се охрабруваат да обезбедат тестирањето на коронавирусот да биде пристапно и широко достапно. На барање на Парламентот, Европската комисија вети дека ќе обезбеди 100 милиони евра во рамките на Инструментот за итна поддршка, така што земјите-членки ќе можат да купат тестови за издавање на ЕУ дигитални ковид-сертификати.

Вакцини

Сите ЕУ земји-членки мора да ги прифатат сертификатите за вакцинација издадени во други земји-членки за вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Земјите-членки треба да одлучат дали ќе прифатат сертификати за вакцини одобрени според националните постапки за овластување или за вакцини наведени од Светската здравствена организација (СЗО) за итна употреба.

Advertisement