Европскиот парламент одобри визна либерализација со Косово

Граѓаните на Косово во иднина би требало да можат да влегуваат во Европската унија без виза. Одобрувањето на безвизниот режим од страна на европратениците е важен чекор на патот кон поблиска соработка меѓу Приштина и ЕУ, оцени европратеникот Тејс Рутен, кој го предводеше тимот на Европскиот парламент во преговорите за новите правила за влез во Унијата.

Според плановите, најдоцна од крајот на следната година Косовците треба да можат да престојуваат во земјите членки на ЕУ двапати годишно по 90 дена без виза. Истото правило важи и за граѓаните на ЕУ кои сакаат да патуваат во Косово.

Европскиот парламент и Советот на ЕУ уште во декември постигнаа начелен договор околу ова прашање, а ЕП сега даде и формална согласност. Косово еединствената од шесте земји од Западен Балкан што сè уште не профитира од безвизен режим со ЕУ.

Владата на Косово во декември официјално поднесе барање за влез во ЕУ. Процесот на пристапување веројатно ќе биде долг и комплициран. ЕУ-членките Шпанија, Грција, Кипар, Романија и Словачка, исто како Србија, одбиваат да ја признаат независноста на Косово. Косово ја прогласи својата независност од Србија во 2008 година, но од страна на Белград сè уште се смета за отцепена територија.

Advertisement